| |

ПРВИ ( 1) МАЈ ПРЕД САМИОТ КРАЈ

Во држава во која едвам, неколку стотина граѓани протестираат секој 1 ( први) мај, за подобрување на работничките права, статусот на работниците во едно економски хаотично општество е повеќе од очаен. Овој пркос на најупорните, најенергичните и најидеалистите, завршува како симболичен протест на маргинализирана група, кои се борат за „ таму некои ( женски) права“, да го цитираме поранешниот премиер Н. Груевски. Се поставува прашањето: Зошто во економски девастирана држава, со армија на невработени, масовно иселување, ендемска корупција и низок животен стандарт, воопшто не постои национален консензус помеѓу сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка , религиска, и било каква друга поделба, да застанат сите заедно под бајракот на сиромаштијата, и така обединети да ги побараат своите човекови и работнички права?  Зошто овој празник на трудот и работниците, се празнува со многу скара, излети, викенди на Халкидики, а не со масовни протести како крик за подобрување на статусот на работниците и вечна борба за зголемување на работничките права?Многу веројатно е, дека одоговорот се крие во самото прашање. Токму тие разлики кои се испреплетуваат кај македонските граѓани ( партиско-политички, етно-религиски, економско-социјални), се толку изразени, толку продлабочени и до крај поставени како кинески ѕид, што ни екстремната сиромаштија кај сите нив, не претставува најголем  заеднички содржател што би можел да биде обединител кој ќе ги анулира токму овие разлики.

Македонските граѓани, длабоко антагонизирани , едни кон други поставени да се мразат, негираат и судираат, претставуваат одлични „ кукли на конци“, на кои кукловодот ( политичките елити), 25 години им ги кројат животните судбини, најчесто небидинини. Просто неверојатно е, како во држава која по сите параметри  се наоѓа на дното на индексот на мизеријата, дури и споредбено со балканските држави, да има толку апатичен и незаитересиран народ за општото добро, како еден свесен, одговорен и разумен национален колектив , кој ќе се бори за сопствената иднина. Последните извештаи нам не класифицираат на дното на скалата и по : индекс на корупција, слобода на медиуми, стапка на невработеност и сиромаштија, број на иселеници, и не оставаат тронка надеж за подобро утре, или светлина на крајот на тунелот. Македонските граѓани мора да се разбудат. Силно граѓанско општеество, сензибилизирана јавност која ќе ја притиска власта да биде одговорна и отчетна, култура на граѓанска партиципација во одлуките на централните и локалните власти, се само дел од елементите кои ќе направат нашите политички елити да „ ги засукаат ракавите“, и да работат за подобрување на животниот стандарт на населението, зголемување на приходите, отворање на работни места, а не да се служат со гол популизам и нереални ветувања. Македонецот како европски граѓанин, мора да започне прво од себе, од поимањето за својата одговорност и битисување во едно општество како поединец. Да си го постави прашањето за неговата улога во општеството и државата, и да прифати да биде одговорен. Се додека живееме во менталната матрица на утопиското социјалистичко убедување дека „ државата е таа која треба да ги реши нашите животни прашања“, ние ќе  ги обвинуваме сите други за нашите лични неуспеси и порази. Политичките елити се тука, да востпостават на институционални правила кои ќе важат истовремено подеднакво за сите без исклуок. Во развиените држави, еден човек, е зависен од своите родители, до неговото полнолество ( 18/21 години), а понатака тој се бори да го најде своето место под сонцето во морето од проблеми со кои се соочува еден млад човек. Но, тука се гледа менталитетот на одговорност прво кон самиот себе си, а потоа и кон државата како политичка заедница. Македонците , со наследен „ постсоцијалистички“ менталитет, мора да осознаат дека се во 21 век во пазарно ориентирано општество, во кое се бара самостојна иницијативност, претприемчивост, постојано надградување, усовршување, и напредување.

Бесперспективноста во Македонија, и енормно тешкиот животен стандарт, се одлика на повеќе фактори: немањето контрола врз тие што владеат со нас ( носителите на јавни функции), а следствено на тоа распространетата корупција, организиран криминал, тоталната партизираност на секое ниво од административно до фелата на културата, образованието , спортот па и друштвата/ граѓанските здруженија. Сето ова  додадено со „ колективниот социјалистички менталитет“, во кој граѓаните државата ја гледаат како мајка која треба да се грижи за нив и по нивното матуритање ( созревање/ полнолествто) , создава едно општество во кое никој веќе нема надеж за подобро утре. За да почнеме да веруваме, треба да почнеме да се менуваме, секако на подобро. Дали можеме, и имаме општествен потенцијал да го сториме тоа?

Автор: Благојче Атанасоски, историчар и м-р по политички науки



Слични Објави