|

Работниците на коридорите ќе може да работат по 50 часа, а ако се измени законот, и по 60 часа – договорот со „Бектел и Енка“ останува мистерија

Ниту едно инсистирање на јавноста не го убеди премиерот Димитар Ковачевски да го објави договорот со „Бектел и Енка“ или делови од него. Тој новинарите ги упати, ако сакаат детали од договорот, да ги добијат на брифинг од министерот за транспорт и врски или од директорот на ЈПДП. Прашан дали работниците што ги ангажира државата за работа на автопатите ќе имаат 40 или 60-часовно работно време, тој рече дека може да работат по 50-часа сè додека не се донесат измените на Законот за работните односи, со кои би се дозволиле 60 часа работно време.

„Во моментот имаме закони што важат. Доколку се донесат законски решенија, кои ќе предвидат други услови за работа, тогаш ќе се применат тие други услови за работа. И сега кај нас, во согласност со законските решенија, може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Има голем број работници што работат и по 50 часа по свој избор и согласност“, рече Ковачевски.

Според Ковачевски, 51 процент од работите треба да се изведат од страна на македонски работници, инженери, македонска механизација, а голем дел ќе биде од странство, односно од „Бектел и Енка“. Договорот во кои се предвидени овие услови останува тајна.

„Сите договори, кои практично се од работата на ЈПДП и кои во своите одредби имаат деловна тајна на страните кои се потписници, имаат назнака доверливост. Тие содржат, како комерцијален договор – деловна тајна на компанијата, која е дел од договорот во која таа ги прецизира технологиите на работа, структурите на трошоците и ценовните елементи. Заради доверливоста на податоците да не дојдат во посед на нивните конкуренти, тие договори се карактеризирани како такви“, додаде Ковачевски.

Коридорот 8 ќе почне да се гради и Коридорот 8 ќе се изгради, додаде Ковачевски.

„Потпишан е договор на 400 страници, каде што се дефинирани сите обврски од изведувачот, како и обврски од другата страна, а тоа е државата, така што за сите детали, за текот на градбата, за изградбата, ќе може да ве информираат управувачкиот комитет и ЈПДП“, рече Ковачевски.



Слични Објави