Радев: Северна Македонија треба што поскоро да почне да ги спроведува договорите со ЕУ
Процесот на проширување на ЕУ треба да се заснова на афирмација на вредностите на демократијата во земјите кои аплицираат за полноправно членство за истиот да биде одржлив и неповратен. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на вчерашната средба во претседателската институција со Мануел Сарацин, специјален претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, пренесува Дарик.
Европската унија е трансформирачка сила за регионот на Западен Балкан и треба многу поактивно да ги поддржува земјите кандидати во спроведувањето на Копенхашките критериуми за членство, смета Радев.
На средбата, претседателот Радев изразил надеж дека Република Северна Македонија ќе продолжи со имплементација на договорите со Европската Унија што е можно поскоро, вклучително и вклучување на Бугарите во нејзиниот устав, што ќе ја отвори вратата за почеток на преговорите за полноправно членство. Ваквиот чекор би бил позитивен знак за европската перспектива на целиот регион на Западен Балкан, истакнува Румен Радев.
Бугарскиот претседател ја изразил подготвеноста на Бугарија за натамошен развој на транспортното, енергетското и дигиталното поврзување со РСМ како реален фактор за унапредување на економската и инвестициската размена, туризмот и слободната комуникација меѓу луѓето од двете земји. Претседателот изразил и очекување за ефективна вклученост на институциите на РСМ за промена на односот кон бугарската заедница во земјава, ефикасно искоренување на говорот на омраза кон Бугарија и вистински контрамерки против злосторствата од омраза врз локалните Бугари.


