| |

РАУФИ: „БОМБИТЕ“ ЌЕ ГИ ОТКРИЈАТ НАРАЧАТЕЛИТЕ НА УБИСТВОТО КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО

Адвокатот на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковско езеро, Насер Рауфи по денешното рочиште за случајот „Монструм“ рече дека со нелегално прислушуваните разговори кои ги поседува СЈО и за кои се надева дека ќе се репродуцираат во Кривичниот суд, ќе се дојде до нарачателите и вистинските сторители на грозоморниот чин кој се случи на 12 април 2012 година.

„Со преслушување на бомбите сигурен сум дека ќе дојдеме до нарачателите и сторителите на убиството. При увидот на доказите забележваме дека од СЈО до судот се уште не се предадени нелегално прислушуваните разговори. Кога ќе бидат предадени ние ќе ги преслушаме. Не сум запознаен ниту со бројот на разговорите, досега немаме никаков контакт со тие докази, сепак сигурен сум дека со нив ќе се дојде до извршителите“, рече Рауфи.

На последните неколку рочишта за случајот „Монструм“ на кои е исклучена јавноста вклучувајќи го и денешното, се преслушуваат разговорите помеѓу обвинетите. Бранителот Рауфи вели дека од нив јасно може да се увиди дека оние кои се моментално обвинети, а претходно и осудени за ова дело не се вистинските сторители.

Во пресудата за случајот „Монструм“ беше наведено дека еден од обвинетите, Фејзи Азири, им помогнал на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири да избегаат во Косово. Адвокатот Рауфи ова обвинение и понатаму го негира велејќи дека и од разговорите може да се забележи дека Азири немал никаква поврзаност со бегството на Исмаиловиќ и Демири.

Адвокатката на семејствата на убиените, Дафинка Ивановска идентично како и Рауфи рече дека не знае за што станува збор во разговорите кои ги поседува СЈО, очекува истите да бидат репродуцирани во процесот.

„Доказите се кај СЈО, тие знаат за што станува збор. Моментално на судењето се слушаат разговорите од претходно. По барање на обвинителството и одбраната има неколку нови разговори кои во претходната постапка не биле преслушани. Најверојатно преслушувањето ќе трае уште 2-3 рочишта и истите и понатаму ќе бидат затворени за јавноста. Моментално сме многу далеку од денот до кога завршуваат предистражните мерки“, рече Ивановска.

Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута со правосилна пресуда на Апелациониот суд Скопје беа осудени на доживотна казна затвор за петкратното убиство што на 12 април 2012 година. По укинување на пресудата, процесот започна одновно. Случајот го од Јавното обвинителство го презема СЈО поради наводни дополнителни докази кои произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори.

Извор: Точка

Слични Објави