| |

РУСКОВСКА НЕ ЗНАЕ КАДЕ Е ЈАНЕВА, ДВЕ ОБВИНИТЕЛКИ ОД СЈО БАРАЛЕ ДА ДАДАТ ИСКАЗ

Обвинителката Вилма Русковска не знае каде е специјалната обвинителка Катица Јанева, која минатата недела си поднесе неотповиклива оставка, а неколку часа подоцна беше отворена истрагата за случајот „Рекет“, во кои се осомничени Бојан Јовановски и Зоран Милески.

Русковска во интервју за емисијата Код вели дека Јанева не била под ПИ мерки и оти таа лично не верува дека избегала од државава. Тука имала живот и семејство и не верува дека би го сторила тоа обвинителката, која еден ден по оставката, од 16 јули е официјално на боледување.

Двe обвинителки од СЈО стапиле во контакт со Русковска. Таа појасни дека тие прашувале дали треба да дојдат во Обвинителството да дадат исказ.

Телефонот на Јанева е конфискуван заради истрагата, но се појавија информации дека таа имала и друг телефон, а Русковска вели дека додека не се утврди каде е вториот телефон, не може да шпекулира за тоа.

За рекетираниот бизнисмен вели дал пари за да биде олеснета постапката против него. Јовановски и Милески зеле 1,5 милиони евра, засега неофицијално од бизнисменот Орце Камчев – прво 500 илјади евра, потоа стигнале до 1,5 милиони, а целта им била пет милиони евра.

-Парите се дадени заради олеснување на постапката, вели Русковска за Код, додавајќи дека случајот кај неа го пријавил лично премиерот Зоран Заев.

Тој имал средба со Русковска и јавниот обвинител Љубомир Јовески меѓу двата круга од претседателските избори заради некои одлуки за екстрадиција и на крајот од состанокот им кажал дека сака да пријави кривично дело рекет.

-Премиерот ми рече дека до него има доставено пријави и се одлучивме да почнеме од сведокот, рече Рускосвка без да споменува имиња.

Сведокот дошол лично во Обвинителството и го пријавил рекетирањето.

Истрагата за Јовановски и Милески е отворена во мај со сите снимени средби, а Русковска вели дека засега немаат докази дека имало уцени со снимки од бомбите.

-Немаме доказ дека со снимки кои ги поседува СЈО се уценувани бизнисмени, што не значи дека во натамошниот тек на истрагата нема да дојдеме до такви докази, вели Русковска.

Во однос на тоа на кого се однесуваат псевдонимите Кики и Фрики, Русковска рече дека сведокот не споменувал политичари.

Нагласи дека се сослушувале и други бизнисмени кои можеби биле цел на рекетот.

-И во предистрагата и во истрагата се испитуваат и други лица, односно сведоци кои дале или одбиле да дадат пари на тие кои им барале. Како обвинителство се залагаме како доказ да не бидат земени само изјави на поединци, бараме и дополнителни докази, истакна Русковска.

Извор: Нова ТВ



Слични Објави