СДСМ: Од 10 клучни реформски точки, Владата исполнила само две
Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски ја претставува состојбата со реформите подобра отколку што е, велат од СДСМ, тврдејќи дека од 10 клучни реформски приоритети за јуни 2026 година, исполнети се само две.
Од партијата велат дека според Европската комисија и реформската агенда, осум точки остануваат отворени или делумно исполнети, меѓу кои уставните измени, реформите во правосудството, борбата против корупцијата, јавната администрација и медиумските реформи.
СДСМ прашува како Владата планира да ги затвори преостанатите обврски во рок од еден месец, кога, според нив, за досега исполнетите две биле потребни две години.
Во партиското соопштение се поставуваат и прашања за тоа дали Владата планира да ги внесе Бугарите во Уставот, како ќе спроведе департизација и како ќе се бори против корупцијата.
Од СДСМ оценуваат дека Македонија стагнира во евроинтегративниот процес поради, како што велат, политиките на блокади, партизација и заштита на лични интереси од страна на власта.
