СДСМ: Партизацијата на М-НАВ и неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ се опасни за граѓаните
На денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, предупреди дека партизацијата и неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.
Според Кузеска, еден од радарите во Контролата на летање на скопскиот аеродром е расипан, поради што секое слетување на авион во Македонија моментално зависи од бавни и импровизирани процедури, како и од помош на надворешни радари од соседни земји.
„Ова не е само технички дефект, ова е последица на вдомување на партиски кадри во една од најважните институции за безбедноста. Наместо професионалци, таму се вработуваат луѓе по партиска линија, а резултатот е хаос и импровизација,“ изјави Кузеска.
Таа посочи дека предупредувањата на контролорите за застарената опрема и софтвер биле игнорирани, а ветувањата за нов систем не се реализирале.
„Граѓаните и патниците се изложени на ризик, Македонија изгледа несериозно пред светот, а институцијата што треба да биде симбол на професионализам е сведена на партиска филијала,“ нагласи портпаролката на СДСМ.
Кузеска побара одговорност од власта и порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори институциите да бидат водени од професионалци, а не од партиски кадри, за да се обезбеди сигурна и безбедна држава.
