Се истражуваат можностите за изградба на фабрика за производство и монтажа на автомобилски компоненти за електрични возила во Бугарија
Се проучува можноста за изградба на фабрика за производство и монтажа на автомобилски компоненти за електрични возила во Бугарија, соопшти прес-центарот на Министерството за економија и индустрија на Р. Бугарија.
Се очекува инвестициите да надминат 40 милиони евра, а бројот на создадените нови работни места да достигне 800. Проектот пред в.д. министер за економија и индустрија Никола Стојанов го презентираа претставници на раководството на странска компанија. Во оваа фаза веќе се одржани состаноци за проучување на можните локации за изградба на фабриката.
На средбата присуствуваа Стефан Јонков, раководител на Канцеларијата за трговија и економија од Генералниот конзулат на Бугарија во Минхен и претставници на баварска инвестициска консултантска компанија вклучена во проектот.
Стојанов изјави дека бугарскиот автомобилски сектор е еден од најбрзо растечките и компаниите планираат нови проширувања. Тој додаде дека компаниите од областа на електрониката, електротехниката, информатичката технологија и хемиската индустрија бележат добри резултати.
„Бугарија може да понуди висококвалификуван кадар, но ние сме заинтересирани да привлечеме инвеститори кои се подготвени соодветно да го платат нивниот труд“, додаде Никола Стојанов.
Министерот ги претстави индустриските зони на Бугарија како сфера за инвестиции и плановите на Министерството за економија и индустрија за нивен развој.
Вчера при посетата на Стојанов на Индустриската зона – Костинброд беа презентирани инвестиции во вредност од 70 милиони лева, соопшти Министерството. Досега приватните компании инвестираа над 200 милиони лева во регионот Костинброд и отворија стотици нови работни места.

