Секој што ќе крене рака или ќе демне жена ќе се соочи со законот, порача Тошковски информирајќи дека двајца се притворени
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека полицијата презела мерки во неколку случаи поврзани со семејно насилство и вознемирување.
Во објава на социјалните мрежи, Тошковски информира дека во текот на вчерашниот ден две лица биле лишени од слобода во врска со семејно насилство и им е определен 30-дневен притвор.
Според него, денеска уште две лица ќе се соочат со правдата по брза постапка – едното за семејно насилство, а другото за демнење на жена.
„Ова е јасна порака дека насилството и вознемирувањето нема да се толерираат“, напиша Тошковски.
Тој нагласи дека Министерството за внатрешни работи постапува бескомпромисно и дека секој што ќе изврши насилство, ќе демне или ќе заплашува жена ќе се соочи со институциите и со законот.
Тошковски ги повика граѓаните, особено жртвите на семејно насилство и вознемирување, да ги пријавуваат ваквите случаи, додавајќи дека институциите се подготвени да реагираат брзо и одлучно.
Во објавата министерот упати и критики кон, како што наведе, политички актери кои организираат прес-конференции со „крвави раце“, обвинувајќи ги дека се обидуваат од трагедиите да направат политички спектакл. Според него, одговорот на институциите ќе биде преку апсења, постапки и функционирање на системот.

