Шефот на бугарската дипломатија Георгиев: „Мирот веќе нема да биде даденост, за него мораме заедно да се бориме“
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, денеска учествуваше на настан организиран од ПанЕвропа Бугарија и фондацијата „Конрад Аденауер“, во партнерство со Амбасадата на Кралството Данска и Дипломатскиот институт при Министерството за надворешни работи. На форумот беа презентирани главните приоритети на Данското претседателство во наредните шест месеци под мотото „Силна Европа во свет што се менува“, јавува бугарското МНР.
Во своето обраќање, министерот Георгиев истакна дека Европската Унија мора да користи различни механизми и алатки за да изгради посилна Европа во новите геополитички услови. „Во оваа заедничка несигурност треба заедно да го бараме патот, обединети во една цел – мирот. Мирот веќе нема да биде даденост, туку за него ќе мораме да се бориме“, нагласи Георгиев.
Тој зборуваше и за важноста на иновациите и технологиите како клучен фактор за создавање конкурентна предност во одбраната, науката, образованието, енергетиката, туризмот, земјоделието и други области. Во контекст на тековните дебати во ЕУ за поедноставување на регулативите, шефот на бугарската дипломатија изрази поддршка за напорите за намалување на административниот товар за граѓаните и бизнисите, со цел отворање можности за поголеми инвестиции.
На форумот учествуваше и заменик-министерот за надворешни работи, Николај Павлов, кој во своето излагање се фокусираше на поддршката за Украина, проширувањето на ЕУ врз основа на сопствени заслуги, енергетската безбедност, кохезионата политика и потребата од економска и социјална конвергенција.

