| |

ШИЛЕГОВ ИМА ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА НЕРЕАЛИЗИРАНИТЕ КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ И НЕГОВИОТ МАНДАТ

Изградба на капиталните проекти не треба да се врзува за мандатите на градоначалниците. Со ваков став излезе денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервју за весникот „Слободен печат“ одговарајќи на прашањето дали ќе побара и втор мандат во ситуација кога проекти како Универзална сала и Луна паркот се уште не се реализирани.

– Немаме право стратешките проекти, каков што е Универзална сала, да ги врзуваме за нашите мандати. Нашите мандати се променливи, а тоа се работи што треба да останат. За Универзална сала минатата година имаше сериозна дебата во јавноста. Проценката на стручната јавност беше дека на таа локација не можеме да имаме поголем објект, туку само можеме да извршиме реконструкција на постојниот објект. Одвоени се средства од Владата во износ од два милиона евра. Треба да бидеме внимателни, станува збор за еден фундаментален објект. Се прават и анализи од Институтот за сеизмологија, во однос на издржливоста на објектот. Што се однесува до забавниот парк, тој беше во програмата за јавни набавки за минатата година, но пандемијата го одложи процесот… Реализацијата на забавниот парк е предвиден во овогодинешниот буџет. Верувам дека ќе можеме оваа година да ја распишеме постапката…. Верувам дека до средината на 2022 година во Скопје ќе има забавен парк, одговори Шилегов.

Ваквиот став на градноначалникот, меѓутоа, отвора низа прашања. Основното е дали ветените проекти на градоначалниците – и капиталните и „помалите“ – треба да се врзуваат за нивните четиригодишни мандати. A oдговорот е само еден: треба да се врзуваат.

Во изборната кампања градоначалниците мора да се искрени со граѓаните и да бидат јасни во тоа што ќе го направат во текот на своите мандати. По принципот: ова го ветувам ова ќе биде завршено до крајот на мандатот. Точно, има капитални проекти за кои некогаш се потребни и повеќе од четири години, но и тоа треба уште во кампањата да им се каже на граѓаните. Исто како што реализација на таквите проекти треба да започне веднаш, а не да се случува проект за капиталниот проект тунелот под Кале да не е готов ниту во четврта година од мандатот на Шилегов, а за почеток на работите и да не збориме. Исто како што за Универзална сала работите околу реконструкцијата мораа да стартуваат веднаш, а не да се губи време во „писма за намери“, во идеи за паркови, за изградба на нов објект, а во кампањата била ветена реконструкција. Одговорни кандидати за градоначалници свои проекти кои планираат да ги направат ги подготвуваат уште пред градоначалнички избори и по изборот веднаш стартуваат со нив.

Ако, пак, за капиталните проекти треба и повеќе од еден мандат, колку мандати тогаш се потребни за „помалите“ проекти кои не се реализирани во Скопје: за две нови гимназии, зелен коридор Серава, уредување на Аквадуктот, спуштена раскрсница кај „Мавровка“, централен сервис за комунални проблеми, кружен тек во Сарај, натпатник кај „Алкалоид“, монтажни паркинзи на „Џон Кенеди“ и „Чаирчанка“, нови јавни тоалети… се што за овие четири години вети Шилегов, а се уште не е направено.

Вака, излегува дека се бара уште еден мандат за да се завршат капиталните и други проекти најавени пред четири години. Нови нема да најавува?

Слични Објави