Шукова: Не се гради пристаниште на Охридското Езеро од албанска страна, се расчистува теренот
Бетонирањето на Охридското Езеро од албанска страна за министерката за животна средина, Каја Шукова, не е поради изградба на пристаниште, туку се работи за расчистување на теренот. Информацијата вели дека ја добиле неофицијално.
„Во однос на информациите што се појавија во медиумите кај нас, а не се појавија во Албанија, можам да ви кажам дека, неофицијално, дознавме дека не станува збор за градење пристаниште или марина, како што се зборуваше во јавноста. Се работи за расчистување на теренот и во моментот нема никаква реакција од УНЕСКО бидејќи нема градба на таков вид објект. Сето тоа, барем досега, беше во делот на шпекулациите“, рече министерката Шукова.
За бетонирањето на езерото на социјалните мрежи се пофали албанскиот премиер Еди Рама. Сподели фотографии од изградбата, на кои се гледа токму бетонирањето, а има и фотографии од проектот, кој предвидува шеталиште и мала марина, за кои премиерот вели дека ќе направат ренесанса на Поградец.
Кај нас пред десетина дена за бетонирањето на Охридското Езеро алармира „Охрид СОС“, од каде што потсетија дека поради вакви и слични предлози и интервенции на македонска страна, беше предложено Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност.