|

Швајцарија дозволува движење со старите пасоши, а Босна не ги признава ниту старите лични карти, рече Османи

Државите самите одлучуваат како ќе се однесуваат во однос на валидноста на македонските пасоши, појасни министерот Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарски прашања, Османи изјави дека Швајцарија досега формално се изјаснила дека дозволува движење со македонските пасоши, додека Босна и Херцеговина испратила допис дека на нејзината територија повеќе нема да бидат валидни пасошите и личните карти со старото име на државата.

„Воглавно граѓаните немаат поголеми пречки во однос на враќањето дома. Се организиравме во конзуларните претставништва, овозможивме бесплатни патни листови. Им излегуваме во пресрет. Во многу држави не бараат патни листови, но јас немам добиено нота од државите како се однесуваат во однос на старите пасоши, не можам официјално да ги известам граѓаните. Повеќето од државите овозможуваат движење со старите пасоши, доколку рокот е валиден“, рече Османи.

Тој, сепак, апелира до граѓаните кои патуваат со автомобил бидејќи минуваат низ неколку држави да не ризикуваат и себе да го носат патниот лист.

Османи зборуваше и за проблемот зошто граѓаните кои ќе допатуваат во земјава од странство, не можат да се вратат назад со пасошите со Република Македонија. Според него, сите обиди да се прави јавен притисок за продолжување на рокот на пасошите е нечесен.

„Член 118 од нашиот Устав вели дека меѓународните договори коишто се ратификувани во парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не можат да се сменат со закон. Преспанскиот договор е на сила и го почитуваме и имплементираме. Можеме да седнеме да направиме планови и да им излеземе на граѓаните во насока на тоа да издаваме повеќе пасоши“, вели министерот порачувајќи до МВР да работи повеќе со фирмата која доставува обрасци и да се направи целосна организација на државно ниво.

Министерот додаде дека најлесно е да се повикаме на одложување на роковите и прекршување на Преспа, но смета дека без согласност со Грција тоа не смееме да го правиме“.

Османи очекува дека за 2 месеца ќе спласне притисокот за издавање на патните исправи.



Слични Објави