„Ниту една повеќе!“ повикува на блокада денес од 18 часот пред парк „Жена Борец“
Феминистичкото движење „Ниту една повеќе!“ денеска во 18 часот ќе организира блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје, со цел да укаже на потребата од поголема заштита на жените и системски промени против насилството врз жените.
Акцијата, како што соопштуваат од движењето, произлегува од гневот и стравот дека жените во државата не се доволно заштитени, но и од нивната храброст и одлучност да не дозволат нови жртви на семејно и родово базирано насилство. „Наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе“, порачуваат организаторите.
Со блокадата се сака да се испрати силна порака дека не може да се продолжи во насока на игнорирање на проблемот и недоволна институционална заштита. Според движењето, потребно е да се создаде простор каде граѓаните ќе можат гласно да го изразат своето мислење, чувства и предлози за подобрување на системот. „Не се потребни експертиза или професионално искуство, доволни се нашето животно искуство, тагата и гневот што сите ги чувствуваме,“ наведуваат организаторите.
Од „Ниту една повеќе!“ велат дека нивната цел е да изградат заедништво, да повикаат на солидарност и да поттикнат институционална и општествена одговорност. „Бараме законски, институционални и општествени промени за ниту една повеќе да не стане жртва,“ стои во најавата за денешната акција.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат на блокадата, за да ја замислат и изградат заедно иднината без насилство врз жени.
