Со „бела“ лага против „црните“ Бугари
Пишува: Атанас Величков
Во принцип во РС Македонија власта нема никаков проблем со отворањето на клубови на македонските Бугари. На практика се разбира, тоа не е така, доказите за тоа се видливи, последниот од нив, макар и да не изгледа толку воочлив како, да речеме набрзина донесените измени на Законот за здруженија, заслужува да го добие вниманието на јавноста.
Во своето синоќешно гостување во емисијата на Канал 5 „Само вистина“ вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ излажа, дека претставници на власта учествувале во отворањето на нов клуб на Бугарите во РС Македонија. Таа лага, кажана во вакво време, кога претседател на бугарски клуб добива покана од Обвинителство, како осомничен за ксенофобија и расизам и кога полицијата сѐ уште не ги открила сторителите на последните два напади врз клубот во Охрид, не може да биде дефинирана како наивен лапсус на министерот.
Господинот Маричиќ не ја кажал првата лага поврзана со Бугарија и Бугарите, слушната во етерот на телевизијата Канал 5, каде што се кажани многу други лаги. Ќе бидат кажани и уште, бидејќи сказалките на македонизмот, во неговата изворна антибугарска форма, немилосрдно отчукуваат кон неговиот неизбежен крај. Се разбира, ниту Канал 5 не може да се пофали со приматот на најантибугарска телевизија, но тоа, може да биде тема за друг напис, разговори или дебата.
Претставници на власта РСМ никогаш не биле присутни на отворање на бугарски клуб. На 25 ноември годинава, во Скопје не се отвори нов бугарски клуб, туку Бугарскиот културно-информативен центар официјално ги отвори своите нови простории во центарот на градот. На тоа свечено отворање беше присутна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Бугарскиот културно-информативен центар не е клуб на македонски Бугари, истиот е институција на државата Бугарија во РС Македонија. Се работи за државна институција под Министерството за култура на Бугарија, а не за приватна иницијатива на локални македонски Бугари. Македонската држава има ист таков културно-информативен центар, отворен и со учеството на соодветните бугарски институции.
Ако овој факт, не му е познат на министерот Маричиќ, значи дека некој од неговиот кабинет не го подготвил добро за телевизиското гостување. Но, Маричиќ не е случаен човек, тој одговара за сериозен ресор. Тој многу добро информиран човек, затоа најверојатно овде не се работи за случајна грешка на некој негов соработник, туку за добро смислена гебелсовска манипулација. Затоа и не треба да се чудиме кога еден наследник на титовизмот, користи приоми од арсеналот на националсоцијалистот Гебелс.
Разликата меѓу комунизмот и нацизмот е само во униформите на оние, кои со оружје, многу крв и нечовечка омраза кон луѓето ги наметнувале овие црни идеологии. Тоа е реалноста, од која бегаат самопрогласените антифашисти припадници на политичката елита во земјата. Дволичноста е нивната најсилна страна. По тоа не се разликуваат од голем број нивни колеги во Бугарија, Србија и низ целиот свет, но ретки се примерите, кога дволичноста оди во пакет со придворниот тон и вербалната љубезност.
Методите со кои се служи власта, и сите нејзини, божем независни едни од други тела,кога треба да се удри по македонските Бугари, се единствени. Во суштина се работи за нивната турбофолкерска едноставност, наменета за полесно да бидат изманипулирани оние, кои сe појавуваат на гласање.
Позади клубовите на македонските Бугари стоеле членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Маричиќ. Таа констатација треба да биде протолкувана, како инсинуација дека ДПМНЕ го кочи европскиот пат на РС Македонија. Тоа е главната флоскула со која се служат овдешните поранешни комунисти и нивните подржници од Софија. Според нив, никој нема право да ја стави под знак прашалник проевропската ориентација на СДСМ. Тоа се разбира нема никаква врска со „големите европејци“, кои се дел од владејачката партија. Истите лаги ќе ги глаголеа и четниците од ДПМНЕ, само со обратен знак. И тие, ќе си имаа своја постава во Софија и свои флоскули за тоа, како секогаш некој друг е виновен за нивната неспособност и недостаток на демократски и државнички капацитет. Некој друг ја кочи државата по патот кон Европа… не сме ние!
И од таа реалност упорно се бега.
Политичката елита овде не може вечно да бега. Камшикарот ќе ја фати на кондиција, оти кондицијата не се гради со евтини манипулации, а со државничко однесување. Далеку некаде таму во иднината, некој од сегашните дилетанти, може и да созрее, за да може да има претензии дека е државник, но, далечната иднина не е опција. Камшикарот нема да чека толку. Нема да чекаат ни македонските Бугари. Времињата се други. Веќе се пишува и се зборува за лагите од минатото, а словото не може да биде запрено ниту со предмети или покани од обвинителството, ниту со евтини манипулации. Словото секогаш е почетокот. Започна одбројувањето…