| |

Со филмот „Вчера“ се отвора сезоната есен-зима на Фестивалот „30 вечери со 30 бугарски класики“

На 15 септември со филмот „Вчера“ се отвора сезоната есен-зима на фестивалот „30 вечери со 30 бугарски класики“, најавуваат организаторите. Фестивалот е идеја на здружението за колективно управување со авторските права „Филмаутор“, по повод 30-годишнината на здружението.

По секоја проекција, гледачите ќе имаат можност да се запознаат со авторите, актерите или креативниот тим на филмот, како и да се вклучат во дискусија со нив. Сите филмови се прикажани во нивниот оригинален формат – на лента. Влезот е бесплатен.

Годинава се навршуваат 35 години од премиерата на филмот „Вчера“ на режисерот Иван Андонов. Сценариото е работено според истоимениот роман на Владо Даверов, кој е со автобиографски елементи.

„Се сеќавам на чувството на филмот и главно на мојата работа со Иван Андонов, кому многу му должам. Човекот од кој научив најмногу за киното е Иван Андонов. Се започна со многу тежок кастинг, кој мислам дека траеше најмалку еден месец. Режисерот Иван Андонов сакаше да биде многу сигурен за актерите што ќе ги избере. Првично идејата беше јас да ја играм улогата што Георги Стајков ја игра во филмот. И во одреден момент Иван реши да ни ги замени улогите“, рече Христо Шопов, кој ја игра една од главните улоги во филмот.

„Она што можам да го кажам за филмот е дека тој продолжува да биде некако интересен за публиката бидејќи обработува вечни теми како љубов, пријателство, предавство“, додава тој.

На 15 септември гостин во кино Одеон во Софија, ќе биде Владо Даверов, кој е автор и на песната „Заклетва“, компонирана и испеана од Кирил Маричков и „Штурците“.

„Во филмот има скриена порака и таа не е дека младите се вечните бунтовници. Младиот човек првпат сфаќа дека најважно во животот е да може да го помине животот на начин да не ја изгуби почитта кон себе“, вели Владо Даверов. „Вчера е толку актуелен денес бидејќи и во романот и во сценариото ги користам вечните зборови – љубов, омраза, смрт, раѓање, сино, прекрасно, очајно. Не посегнувам по неологизми за да изгледам модерно. Вечните зборови ќе живеат со векови откако „пост“ и „лајк“ ќе бидат одамна заборавени. „Вчера“, во смисла на „нашето минато“, секогаш треба да се помни – за да не заборавиме дека сè не започнува од нас“, коментира Владо Даверов.

Оператор на „Вчера“ е Красимир Костов, музиката е на Кирил Маричков, ликовен уметник е Георги Гуцев. Улогите ги толкуваат Христо Шопов, Георги Стајков, Софија Кузева, Светла Тодорова, Петар Попјорданов, Георги Русев, Никола Рударов, Стојан Алексиев, Красимир Ранков, Павел Попандов, Марија Стефанова, Крис Бартлет и др.

Слични Објави