Сојузник на Путин пронајден мртов, руски медиуми: Падна од трети кат
Владимир Егоров, сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, е пронајден мртов во средата, објавија руските државни медиуми. 46-годишниот пратеник на градската дума во Тобољск и член на владејачката партија на Путин Единствена Русија падна од прозорецот на третиот кат на куќа на улицата Кедроваја во Тобољск, Тјуменската област, објави рускиот канал База на Телеграм, кој е поврзан со руски безбедносните служби.
Рускиот весник „Известија“ цитираше и извор кој вели дека Егоров можеби паднал од прозорец на третиот кат. Тоа е последната во серијата мистериозни смртни случаи во кои се вклучени истакнати руски личности откако силите на претседателот Владимир Путин ја нападнаа Украина минатиот февруари, пишува Њузвик.
Руското издание 72.ру цитираше очевидец дека Егоров паднал од прозорец на третиот кат. Руската телевизија РЕН ТВ, исто така, на сличен начин ја објави веројатната причина за смртта. Најавено е дека ќе биде извршена обдукција за да се утврди точната причина за смртта.
Прес-службата на Истражната управа за регионот Тјумен изјави за руската државна новинска агенција РИА Новости дека истражителите „ги утврдуваат сите околности на инцидентот“. Егоров минатата година стана еден од најбогатите претставници во Тобољск, со приход од 9,1 милиони рубљи (околу 93.000 евра), објави рускиот медиум РБЦ.
Од 2007 до 2014 година, Егоров беше на чело на Комитетот за земјишни односи и шумарство во Тобољск. Во 2016 година тој беше осуден затоа што не платил кирија за општинско земјиште на бизнисмен, но на крајот беше ослободен од обвиненијата. После тоа, основал рекреативен центар и бил избран во градската дума во Тобољск, објави РБЦ.