Сребрени лавови: Националниот одбојкарски тим на Бугарија со историски успех на СП во Филипини
Селекторот на машкиот национален одбојкарски тим на Бугарија, Џанлоренцо Бленџини, застана пред медиумите по враќањето на репрезентативците од Светското првенство во Филипини, каде што „лавовите“ освоија сребрен медал – втор во историјата по оној во 1970 година, јавува БГНЕС.
„Во следните денови ќе сфатиме уште повеќе што сме постигнале. Ова не е плод само на Светското првенство, туку и на целата работа пред тоа. Уште пред една година знаев дека имам посебна група подготвена да даде сè од себе“, изјави Бленџини.
Италијанецот истакна дека финалето остава горчлив вкус, но и голема мотивација: „Сега ќе биде најтешко, сите ќе сакаат да нè победат. Тоа е гориво кое треба да го користиме за да останеме фактор“.
Министерот за млади и спорт Иван Пешев ги награди националите со лаврови венци, цвеќе и премија од 520.000 лева, која ќе биде распределена меѓу играчите и стручниот штаб. „Овие момци го заслужуваат тоа. Тие ја обединија нацијата и донесоа неверојатни емоции“, рече Пешев.
Капитенот Алекс Грозданов со видно возбуден сподели: „Се чувствувам како 15-годишно дете кое не знае што му се случува. Тимската игра е клучот за успехот. Италијанците беа поискусни, но овој пречек ја брише горчината“.
Тој додаде дека главите мора да останат ладни и дека патот кон Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 останува цел за која ќе работат секој ден.
Најдобриот реализатор на Светското, Александар Николов, потенцира дека клучен момент за самодовербата било првото место во групата: „Пред една година се зборуваше дали воопшто ќе победиме. Овој успех е резултат на заедничка работа. Одбојката е тимска игра – ако некој не ми подаде, нема како да забијам“.
