| |

Стармер и Зеленски ќе се сретнат денеска во Лондон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ќе се сретне со британскиот премиер Киер Стармер во Лондон, пред клучната средба помеѓу лидерите на САД и Русија во Алјаска, јавува БГНЕС.

Зеленски, според кабинетот на премиерот, ќе пристигне во Даунинг стрит во 9:30 часот по локално време. Стармер претходно изјави дека постои „реална“ можност за прекин на огнот во Украина.

Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретнат во петок, 15 август, на воено–воздухопловна база во најсеверната американска држава. Ова ќе биде првото патување на Путин на западна територија од февруари 2022 година, кога Русија изврши инвазија врз Украина, при што загинаа десетици илјади луѓе.

Отсуството на Зеленски од самитот во Алјаска, во комбинација со засилената руска офанзива, ја зголемува загриженоста дека Трамп и Путин би можеле да постигнат договор што ќе вклучи болни отстапки за Киев.

Во меѓувреме, блиску до фронтот, украинската армија ноќеска и рано утрово испука десетици дронови кон руска територија, при што беа повредени три лица и предизвикани пожари, вклучително и во рафинерија во јужниот град Волгоград, јави АФП. Киев ги нарекува овие напади правична одмазда за секојдневните руски ракетни и дронски удари врз украински цивили.

Сите страни се под силен дипломатски притисок во времето пред петочната средба, која би можела да го одреди понатамошниот тек на војната.

Слични Објави