|

Стефковски: Потребно е итно решение за депонијата Вардариште

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски заедно со заменик градоначалникот на Аеродром Дејан Митески, началникот на СВР Скопје Сашо Топаловски, командирот на полициската станица од општа надлежност Гази Баба Саше Стоилевски и припадници на МВР беа во посета на дивата депонија Вардариште.

Пoтребно е итно решение за дивата депонија Вардариште, вели Стефковски.

„Изминатиот период во неколку наврати сведоци сме на пожар на дивата депонија Вардарише кој покрај тоа што сериозно го загадува воздухот, претставува и сериозна опасност по безбедноста на жителите од овој дел на општина Гази Баба.
Како при пожарот на 02.07.2024 година, така и при вчерашниот пожар имав постојана комуникација со институциите надлежни за постапување при вакви состојби, но и со голем број на жители од населеното место Кирил Петрушевски.
Реакциите на граѓаните се оправдани, а нивните барања се и мои барања“, нагласува тој.

Ги прочитал како што вели сите коментари и објави но бара разбирање од граѓаните за „ограничените надлежности за постапување кои ги има како градоначалник, а и општина Гази Баба како локална самоуправа“.

„Општо познато е дека дивата депонија Вардариште е во целосна надлежност на Градот Скопје за што апелирам и барам од градоначалничката Данела Арсовска да издаде задолженија за реализација на своите надлежности.
Согласно моите надлежности ги задолжив:
1.Секторот за инспекциски работи да продолжи да работи во две смени со зголемување на работното време во втората смена до 22:00 часот;
2.Секторот за инспекциски работи задолжително во текот на работното време и во втората смена да врши постојан надзор на дивата депонија Вардариште;
3.Секторот за инспекциски работи и Секторот за правни работи во текот на денешниот ден да изготват и до Основното јавно обвинителство Скопје да поднесат Иницијатива за покренување на кривична постапка против непознат сторител за загадување на амбиенталниот воздух, а очекувам Обвинителството преку превземање на истражни дејствија да дојде до сторителите и истите да бидат најстрого санкционирани;
4.Во текот на денешниот ден ќе биде испратено барање за постапување до инспекторатот при Градот Скопје во кое ќе побараме постојано дежурство на депонијата Вардариште и од нивна страна;
За многу скоро ќе започнат заедничките вонредни патроли на депонијата и околу неа во чии состав ќе бидат припадници на МВР и инспектори од општинската администрација.
Толеранција нема да има за никого! Оној за кого ќе се обезбедат докази дека е сторител на дело ќе биде најстрого санкциониран“ додава Стефковски.
Ги уверува граѓаните дека лично ќе ја следи реализацијата на задолженијата од денешниот состанок и очекува нивното исполнување да донесе резултати.

Слични Објави