|

СЗО: Европските деца се изложени на ризик од проблематично користење на социјалните мрежи

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека проблематичното користење на социјалните мрежи е во пораст кај децата во Европа и дека постои опасност кај нив да се развие зависност од онлајн игри.

„Потребна ни е итна и одржлива акција за да им помогнеме на адолесцентите да престанат со потенцијално штетната употреба на социјалните мрежи, за кои се покажа дека доведува до депресија, малтретирање, анксиозност и слаби училишни резултати“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Во 2022 година, 11 проценти од адолесцентите (13 проценти од девојчињата и 9 проценти од момчињата) имале знаци на проблематично користење на социјалните мрежи, додека четири години претходно имало седум проценти.

Податоците се добиени во истражување кое опфатило 280.000 деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 44 земји во Европа, Централна Азија и Канада.

Кај нив се забележани симптоми слични на оние на зависност, а тоа се неможноста да се контролира прекумерната употреба, чувството на повлекување и напуштање на другите активности во корист на социјалните мрежи и негативните последици од прекумерната употреба во секојдневниот живот.

Оваа појава е најраспространета кај романските адолесценти на возраст од 13 и 15 години, каде што погодува 28 отсто од нив, а најмалку е кај холандските адолесценти (три отсто).

Причината за загриженост е тоа што една третина од адолесцентите играат онлајн секој ден, а 22 отсто од нив играат најмалку четири часа, покажуваат податоците на СЗО.

Околу 12 проценти од адолесцентите имаат проблематично однесување поврзано со онлајн игрите, од кои 16 проценти се момчиња, а 7 проценти се девојчиња.

Слични Објави