„ТАНЕЦ“ СО НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ ЌЕ ЈА ЗАОКРУЖИ 70-ТАТА ГОДИНА ОД СВОЕТО ПОСТОЕЊЕ
Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ вечерва од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе има новогодишен концерт со кој ќе ја затвори јубилејната, 70-та година од своето постоење.
На концертот ќе гостува и Националниот ансамбл за народни игри и песни „Коло“ од Србија.
На вечерашниот концерт премиерно ќе биде изведена новата кореографијата „Радовишки собор“ на Јовица Блажевски, претставник на последната генереција кореографи на „Танец“ кој зад себе како автор ги има и веќе добро познатите постановки „Посеље“, „Кумановка“, „Малешевка“ и „Пијанец“.
„Танец“ објави и најново ДВД-издание од јубилејниот концерт што го одржа во јуни годинава во Националната опера и балет, а за 70-годишнината е објавена и двојазична монографија која ќе биде претставена пред вечерашниот концерт, од 19 часот во фоајето на МНТ. Книгата е насловена „Остани во чекор“ и е посветена на десет антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“. Автор е етномузикологот Кирил Тодевски, а преводот на англиски е на Марија Џонс.
