|

Тошковски и Димитриеска-Кочоска ќе соработуваат за поголема ефикасност во справување со организираниот криминал и корупцијата

Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка кој има за цел двете министерства да постигнат поголема ефикасност во справување со организираниот криминал и корупција и обезбедување на брзи, координирани и ефективни одговори.

Воедно на настанот од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и директорот на Царинската управа Бобан Николовски беше потпишан Протоколот за спроведување на меморандумот меѓу двете министерства што ја уредува и конкретизира соработката меѓу нив со цел ефикасна борба против сите видови криминал.

Тошковски потенцираше дека ваквиот начин на соработка е круцијален доколку сакаме да имаме сеопфатен и ефективен пристап во борба против организираниот криминал.

„Овие документи кои ги потпишуваме денес се реално наоѓање начин на усогласување за како да се спротивставиме на сите предизвици коишто на некој начин го уништуваат нашето општество. Сметам дека со посветена, стручна и професионална соработка помеѓу институциите тоа може да се покаже на дело. Пример за тоа е една одлична спроведена акција како што беше акцијата при која изнесе 14 цариници и полициски службеници и други службеници во рамки на институциите, пред лицето на правдата коишто злоупотребувајќи ја довербата на граѓаните истите се стекнувале со незаконски средства. Со добра и организирана соработка помеѓу службите во МВР, БЈБ и царинските служби видовме дека можело да се остварат резултати. Тоа е нашата цел, затоа постојат овие институции и само на таков начин можеме да покажеме дека навистина имаме волја да се бориме против организираниот криминал и корупција. Сигурен сум во потенцијалот на луѓето и институциите, само треба да се фокусираме, да ја знаеме која е крајната цел и да се стремиме кон нејзино остварување.“, истакна министерот Тошковски.

„Денеска потпишавме два документа со коишто правиме еден чекор напред во борбата со криминалот којшто претставува закана за развојот на државата. Превенирај и спречи е целта на овој Меморандум којшто создава основа за една зајакната соработка помеѓу двете институции и органите во нивен состав, а која ќе се постигне преку координирано дејствување, размена на податоци, заеднички активности и акции, размена на информации, електронско поврзување, како и заедничка едукација и стручно усовршување на кадри“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и додаде дека потпишувањето на овој Меморандум е потврда за нашата определба за справување со криминалот имајќи предвид дека последниот Меморандум е потпишан во 2006 година.

Директорот на БЈБ Јанев потенцираше дека Бирото за јавна безбедност при МВР е главниот носител на активностите во областа на полициското работење и борба против организираниот криминал додека граничната контрола е еден од столбовите на националниот систем за гранично управување, спречување на илегално преминување на границата, контрола на прекуграничниот сообраќај и одржувањето на јавниот ред и мир на границата.

„Соработката се остварува преку усогласување на работата, координирано и заедничко дејствување и унапредување на соработката на национално ниво (централно, регионално и локално ниво) и меѓународно ниво, размена на податоци за изработка на анализа на ризик/ управување со ризици, спроведување на заеднички активности и акции, формирање на заеднички работни групи и комисии, пружање взаемна стручна и техничка помош како и заедничко користење на технички средства и опрема, побрза и поефикасна размена на информации и податоци, електронско поврзување, како и заедничка едукација и стручно усовршување на кадри.“, нагласи директорот Јанев.

“Организираниот криминал, нелегалната трговија и корупцијата постојано наоѓаат нови начини на делување и ние мора да возвратиме посилно и со здружени сили. Со Меморандумот и Протоколот со БЈБ ги поставуваме основите за уште пожестока борба со организираниот криминал преку унапредување на соработката и зајакнување на активностите во борбата со криминалот и корупцијата, како и спроведување заеднички криминалистички истраги со цел фаќање на сторителите”, истакна Николовски.

Тој притоа потенцира дека резултатите веќе покажуваат сериозна борба со нелегалната трговија. Од први јули до 20 ноември има 252 случаи на заплена на стока, што е за речиси 30 проценти повеќе од истиот период изминатата година. Бројот на кривични пријави е зголемен за три пати и тоа најмногу за делата криумчарење, царински измами и избегнување плаќање акциза. Притоа наплатата на приходи во септември е зголемена за 9,4 проценти, во октомври за 5,9 а во ноември заклучно со 21ви е зголемена за 8,6.

Заменик амбасадорката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Сузан Пенкса подвлече дека меморандумот за рабирање е разбирање е витална рамка за унапредување на меѓуагенциската соработка во области како што се размена на разузнавачки информации, заеднички операции и обуки.

„Преку овој холистички пристап, двете министерства ќе постигнат поголема ефикасност и ефективност во справувањето со причинителите на криминалот и обезбедување брзи, координирани и ефективни одговори.
Протоколот за спроведување на Меморандумот за соработка е подеднакво важен и игра неопходна улога во операционализацијата на неговите стратешки определби. Како што се движите напред, мисијата на ОБСЕ во Скопје ви стои на располагање да продолжи со долгата историја на поддршка и соработка со владата на Северна Македонија.“, нагласи заменик амбасадорката Пенкса.



Слични Објави