|

Тошковски: Ќе набавиме тестови за дрога за сообраќајната полиција, можност за трајно одземање возило при најтешки услови за безобѕирно возење

Министерот Тошковски во своето излагање дефинира неколку најважни точки на предлог законските измени и унапредувања, кои ќе го зајакнат системот со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот:

„Ревидирање на законските одредби што ги регулираат сообраќајните прекршоци, конкретно сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик, кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постојните одредби што регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекувва глоба, таа кумулативно да се изрекува со казна затвор.
– Проширување на можностите на системот „Безбеден град“ да препознава нерегистрирани возила;
– Набавка на тестови за дрога. Веќе сме во подготвителна фаза за набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол;
– Одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење;
– Инкриминирање на управување моторно возило без положен возачки испит;
– Дигитализација и целосно поврзување на МВР со судовите, со цел полесна евиденција на изречените забрани за управување со моторно возило;
– Целосно имплементирање на системот „Безбеден град“, кој ќе гарантира дека санкциите се спроведуваат доследно и континуирано;
– Аплицирање промени што ќе овозможат системот да дава ефективна контрола и строги санкции за рецидивистити преку институционална вмреженост и ефикасна размена на податоци помеѓу институциите. Еден од поголемите проблеми што ги имаме во контекст на сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Постојат многу случаи во кои луѓе што сториле тешки кривични дела во сообраќајот поминуваат со минимални или дури и условни казни. Казните, колку и да се високи на хартија, не значат ништо ако тие не се изрекуваат, а уште помалку ако не се спроведуваат. Ние мораме да го разбиеме овој систем на компромиси и полуправда, односно неправда.

Министерот потенцира дека одлуките што ќе се донесат на самата расправа ќе бидат пресудни за тоа дали ќе изградиме општество во кое владее ред и закон или ќе продолжиме да живееме во средина во која беззаконието и неказнивоста стануваат норма и дека ова е можност што не смее да се пропушти да се направи вистинската промена, промена што ќе спаси животи, што ќе донесе правда и што ќе обезбеди систем што ќе функционира за сите граѓани еднакво.



Слични Објави