Тренчевска: Наша заедничка одговорност е да создадеме услови за квалитетно живеење на сите наши граѓани
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска, заедно со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, народниот правобранител, Насер Зибери, претседателот на Комисијата за спречување и дискриминација, Исмаил Камбери, амбасадорот на Обединетото Кралство во РСМ, Метју Лосон, и извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска-Сачмароска, се обрати на конференцијата „Дали Република Северна Македонија е фер земја? – Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата“. Конференцијата е во организација на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со поддршката на британската амбасада во Скопје.
Тренчевска во своето обраќање ја истакна важноста на националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година и на акцискиот план 2022-2024 година. Таа дополни дека воспоставено е и национално координативно тело за еднаквост и недискриминација.
„Работиме и назЗакон за спречување и заштита од вознемирување на работното место, кој претставува инструмент за континуирано справување со сите облици на дискриминација по која било основа. Формирана е независна комисија за спречување од дискриминација како еден од механизмите од овој закон во согласност со меѓународните стандарди“, рече Тренчевска.
Министерката истакна дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика ќе продолжат и во иднина да се борат против социјалната исклученост и дискриминацијата.

