Тренчевска: Соработката со Обединетите нации придонесува за градење на општество на слободни и рамноправни граѓани

/

Идејата на правдата, слободата и достоинствениот живот се основата на работата на нашата Влада и суштинска цел на Рамката за соработка за одржлив развој помеѓу Северна Македонија  и Обединетите Нации, рече вечерва министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на одбележувањето на Денот на Обединетите Нации.

Министерката за труд и социјална политика посочи дека заедничката цел на ова партнерство е трансформацијата на македонското општество во општество на солидарност и овозможување на вистински можности за остварување на целосниот потенцијал на секој човек.

– Ја гарантираме целосната слобода на жените да носат одлуки за сопственото тело при одлуката за раѓање, поддршка за време на мајчинството, поддршка за згрижување на децата и квалитетно образование, олеснување на пристапот до пазарот на трудот, унапредување на работничките права преку социјален дијалог, креирање на нови и подобри работни места и достоинство на трудот, истакна министерката во своето обраќање.

Таа нагласи дека Република Северна Македонија, како земја членка на Обединетите нации,  од првиот момент на нејзиното членство, како независна држава ги промовира принципите на Обединетите нации и ги застапува вредностите кои значат мир и напредок за човештвото.

– Оваа наша соработка, со секое ново отворено работно место, секое унапредено работничко право, секое семејство извлечено од сиромаштија, секое дете кое ја добива вистинската шанса да го оствари својот потенцијал, секоја жена кое ја добива шансата да го обликува  општеството, секој граѓанин кој добива систем во кој може да верува и средина во која може да живее, овозможува да бидеме чекор поблиску до целта, македонско општество на слободни и рамноправни граѓани, додаде Тренчевска.



Од МТСП информираат дека како дел од одбележувањето имало и изложбата на цртежи изработени од деца на тема климатските промени, воедно биле доделени и признанија во три категории.

Извор: Zoom. mk

Претходна статија

Членките на ЕУ за еден месец ја одложија одлуката за мерките за справување со енергетската криза

Следна статија

Сончево и топло време со температури до 27 степени

Најново од Вести