Тројца бугарски боксери меѓу најдобрите десет во светот според ранг-листата на World Boxing
Тројца бугарски боксери се пласираа меѓу најдобрите десет во светот на најновата ранг-листа на Меѓународната боксерска федерација World Boxing за ноември, додека уште шестмина бугарски репрезентативци се меѓу првите 40, јави БГНЕС.
Европскиот шампион од Софија, Радослав Росенов, го зазема второто место во категоријата до 60 килограми со 1.325 поени. Пред него е единствено претставникот на Узбекистан, Абдумалик Халоков, со 3.075 поени.
На второто место во категоријата до 75 килограми се наоѓа и Рами Киуан, светски вицешампион од Ливерпул. Тој има 1.400 поени, односно 150 помалку од водечкиот Сајџамшид Џафаров од Азербејџан.
Меѓу најдобрите десет е и Хавиер Ибањес, освојувач на бронзен медал на Олимписките игри во Париз во 2024 година. Тој го зазема десеттото место во категоријата до 55 килограми со 550 поени, додека лидер е Јапонецот Руи Јамагучи со 1.937,5 поени.
Меѓу првите 40 во светот се и Семион Болдирев, кој е 16-ти во категоријата до 85 килограми, Алејна Мехмед, која е 17-та во категоријата до 80 килограми, и Вилијам Чолов, кој исто така е 17-ти во категоријата до 80 килограми.
На листата се наоѓаат и Роселин Бачевски на 21. место во категоријата до 90 килограми, Станимира Петрова на 25. место во категоријата до 57 килограми и Јасен Радев на 35. место во категоријата до 55 килограми.
