| |

Турскиот министер за одбрана Ѓулер во Софија: Нападите врз трговски бродови во Црното Море се неприфатливи

Турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер изрази загриженост поради нападите врз трговски бродови во Црното Море и порача дека Турција, Бугарија и Романија имаат капацитет да преземат неопходни мерки за одвраќање. Тој зборуваше по трилатералната средба на министрите за одбрана во Софија, објави „Бугарски воен журнал“.

На средбата учествуваа бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов и неговиот романски колега Штефан Раду Опрја. Ѓулер беше придружуван од началникот на турскиот Генералштаб, генерал Селчук Бајрактароглу.

„Загрижени сме поради интензивните напади врз трговски бродови во Црното Море и ги повикуваме страните на разумност. Ги задржуваме сите наши законски права и внимателно го следиме развојот на настаните“, изјави Ѓулер.

Тој нагласи дека земјите од регионот располагаат со можности за преземање мерки за заштита на безбедноста.

„Нашите турски вооружени сили, како и бугарските и романските вооружени сили, имаат капацитет да ги преземат сите неопходни мерки за одвраќање“, порача турскиот министер.

Ѓулер ја повтори поддршката на Турција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Истовремено, посочи дека Анкара настојува преку каналите за дијалог со Русија да спречи ескалација на регионалните кризи.

Според него, зачувувањето на стабилноста и безбедноста во Црното Море е од суштинско значење за Турција. Тој истакна дека земјата строго ги спроведува одредбите на Конвенцијата од Монтре од почетокот на војната, што, според неговата оценка, придонело за спречување на нејзиното проширување во поширокиот регион.

Слични Објави