| |

Укинувањето на контролите на копнените граници во Шенген зоната е заеднички приоритет за Бугарија и Романија

Укинувањето на контролите на копнените граници во Шенген зоната нема алтернатива и е заеднички приоритет за Бугарија и Романија, за чие постигнување двете земји мора да продолжат да соработуваат. Околу оваа позиција се обединија бугарскиот претседател Румен Радев и министерката за надворешни работи на Романија Луминица Одобеску. Двајцата се сретнаа на „Дондуков“ 2 во рамки на официјалната посета на дипломатот во Бугарија, соопштија од прес-службата на бугарскиот претседател.

Румен Радев и Луминица Одобеску беа едногласни дека Бугарија и Романија ги имаат покриено сите технички услови за влез во Шенген, затоа се потребни конкретни гаранции и јасен рок за што поскоро отворање на копнените граници. Заедничките и координирани напори во оваа насока треба да продолжат да бидат приоритет на двете земји.

Претседателот Радев и министерот Одобеску разговараа за соработка во различни области од заемен интерес. Двајцата истакнаа дека Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Бугарија и Романија, потпишана во март минатата година од претседателите Румен Радев и Клаус Јоханис, придонела за проширување на билатералната соработка во повеќе области. Подобрувањето на инфраструктурата, транспортното и енергетското поврзување меѓу двете земји е од приоритетно значење за справување со предизвиците во регионот, истакна за време на средбата претседателот Румен Радев. Во оваа насока, реализацијата на голем број проекти ќе придонесе за подобрување на условите за пловидба во Дунав. „Романија е еден од водечките трговски партнери на Бугарија во ЕУ, а активната работа на развивање на нашата инфраструктурна поврзаност е од интерес не само за граѓаните на нашите две земји, туку и за Европа“, посочи Румен Радев.

На средбата се разговараше за заедничката одговорност на Бугарија и Романија за безбедноста во регионот на Црното Море и партнерството во НАТО.

Се договоривме да ги координираме нашите идни активности за да постигнеме укинување на проверките на внатрешните европски граници. Ова го изјави министерот Одобеску по денешната средба со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел, на чија покана е во посета на Бугарија. Таа посочи дека двете земји ќе продолжат активно да соработуваат.

Слични Објави