| |

Верувам бидејќи е апсурдно*

Пишува: Ели Секуловска

Деновите пред Новата Година , 80 интелектуалци испратија писмо до сите релевантни меѓународни институции , прикажувајќи ги Македонците како жртви на некакви си големобугарски апсирации , притоа кажувајќи дека сите етнички заедници , вклучувајќи ги и Бугарите ги уживале сите права во Македонија !!!! Во самото писмо стои дека Бугарите биле фашисти , а тоа подразбира дека и Македонските Бугари биле фашисти , па самите потписници на тој документ паѓаат во очајна контрадикција затоа што тоа е дискриминација од прв ред, со други зборови, истото не подразбира никакви човекови права., туку напротив, сегрегација на една цела етничка зедница која живее со векови во Македонија .

Иако Македонија денес се декларира како формално парламентарна демократија , со легално избрани претставници на граѓаните , во самата суштина станува збор за авторитарна држава со многу малку медиска слобода , изразен степен на партитократија како и култ кон водачот. Добро ухлебените системски интелектуалци , потписници на овој документ, се само добар параван под кој стојат старите југословенски инсталации кои очебијно се трудат да останат на власт .

Познато е дека еден тоталитарен систем не се брише , туку перпетуира доколку не се сече во корен . Во Македонија пак , ниту перепетуирал , туку е скриен под плаштот на национал шовинизам и истиот совршено функционира .

Тоталната доминација не дозволува слободна иницијатива во ниту една област на животот , на ниту една активност што не е сосема предвидлива , па ниту овие 80 интелектуалци не се по случаен избор .

Денешните интелектуалци се само продолжение на оние сервилни индивидуи кон југокомунистичката власт и прилично лојални до власта па поимот интелектуалец веќе нема никакво значење за мене во Македонија . Напротив , интелектуалецот секогаш треба да биде контра власта и независен , да критикува за добробит на сите . Но , тоталитаризмот и возљубеноста кон југословенскиот комунизам остана како реликвија кон која се поклонуваат сите таканаречени денешни интелектуалци .

До вчера ја пееа онаа нивна песна која наизуст ја знаеа , „ Не може нам нико ништа не може , јачи смо од судбине“ , денес заколнатите мали Титовци, стратешкиот план го заменија со некаква морална „поезија“ , чувствителна за европските уши кои целата оваа лакрдија не можат веќе и да ја слушаат , па сето ова блика со неоддолива комичност , но со голема бруталност и спремност на злостроство, но и уште поголема комичност, со она нивно урлање по светските институции на кои одамна им е позната оваа македнско балканска сувопарност . Чинам дека трагедијата и комедијата растат на исто дрво, во оваа чудесна северна земја Македонија и дека доволно е само да се промени осветлувањето, па од едно да стане друго и обратно .

Довчерашните југословени , пред неколку години антички македонци , велат дека некој сакал да им ја украде историјата , поточно дека Бугарите сакале да им ја украдат историјата на Илинден , токму тие Бугари чии претци завршиле по зандани како Бугари !!!!

Навистина е тешко да се сфати .

Дјалектиката на поврзаност на злото со нешто свето и добро игра секако значајна улога во теодицејата ( читај југословенскиот комунизам) во оправдувањето на злото пред светот . Повеќе од 70 години две целни групи , наречени Шиптари и Бугараши им служат на системските Македонци да си го оправдаат злото и грабежот што го направија .

Потпирајќи се на двата столба Илинден и АСНОМ , тие 80 интелектулаци никогаш не го отвориле прашањето за жртвите на југословенскиот комунизам за да ја кажат вистината дека сите чинители на тие две големи национални обележја завршиле по југословенските казамати , судени како пробугарски елементи или без судење , егзекутирани . Чинам дека логиката одамна не соодветсвува на секојдневието како и не целокупната закрпена историја која ја пласираат овие интелектуалци , а истата е повеќе од апсурдна. Доколку се интересирате и барем малку повеќе сте читале за историјата на ова поднебје , тогаш самите со својата сопствена логика ќе наидете на низа апсурдности и недоречености, па ја чувствувате како најпомпезна лага , најдетинеста измама. Денес, историјата , подврзана во поглавја, создадена по свое сопствено видување со вешто избрани детали и скоцкани лажливи целини го зеде главното место во овој фикциски роман чија афабулација , спакувана на големо , неизбежно банална и конвенционална , мене лично ме повредува , но стана голем поттик за масите чие ужасно секојдневие не им дава простор ниту за ука , ниту за размисла , па светата библиска македонска историја се пласира како замена за алтер егото на оваа преостаната популација . Што се однесува пак до архивите , работата е уште полоша . Во денешно време кога тврдоглаво се пребарува по стари кутии , историјата исечена на парчиња служи само да ја згасне книжевната жед на оние провинциски чифликсајбии , кои подготвуваат такви пасирани јадења за кои Институтот , како во невкусна шега им доделува почесни медали и први награди .

Хистерична , дрдорлива и бесрамна , историјата која ни ја прикажуваат како свештена литургија а истата на многу места ја турка ветар во отворено море , ликовите ги оживуваат земјаќи ги од прашливите кошмарни архивни заоставштини , па довчерашни „непријатели“ сега се овековечуваат со ореоли и ловорики на македонштината .Смели фалсификатори без ширина и визии, ситни галантеристи на историјата, праматари , прибележувачи на точки без да ја дадат целината , како декадентите кои готват мелено месо од зборови . А што се однесува пак до големите умови кои битисувале на ова тло и кои беа усништени !!! Оф , тогаш чинам дека кога нашите историчари ги пишувале нивните биографиии се плашеле дека ќе се обесчестат од големината на нивните животи во кои бурите внесувале хаос затоа што секој интелигентен ум е немирен , па конфомистичко раположената професура дресирана по ју матрицата ,потајно посакувала да бидат малограѓани како нив па ги поедноставувале нивните животни патеки , внесувајќи го оној црно бел манихејски стил од кој навистина ми се гади .

Масите пак во збир наречени народ , а за пријателите на просветителството зборот и поимот народ секогаш преставуваа нешто апрехенсивно и непријатно , но тие знаат дека масата треба да ја наречеш народ доколку сакаш да ја заведеш на нешто заостанато и зло.Тоа што се случуваше пред очите на народот после 1945 година и во „Име на народот“ , тоа не можеше толку лесно да се случи во името на човештвото или во името на правдата или правото. Но, факт е дека народот секогаш останува народ , барем во некој одреден слој на своето битие и тоа во архаична смисла , па иститот тој народ кој ги гласаше и се воодушевуваше на тоа нивно „Мало левичрско застранување“ ( Голи Оток , Добој , Идризово, стрелање без суд) , сега токму го исплаќа својот грев кој беше направен токму на тие невини жртви на кои денес се потпира пак македонштината , сите судени како Бугари . Тоталитаризмот е совршен да се држи клучот на вратата на еден народ заведен од злото , денес усовршен до степен на митско и колетивно лудило , додека пак колективниот простор е задушлив и преполн со верски кавги или меѓуетнички тензии кои секогаш му нанесуваат штета на хуманистичкиот нагон за образование. Но , така фунционирале и така ќе функционираат . На ова тло ништо нема да се смени , освен тивките интелигентни умови кои ќе бидат предмет на потсмев и ќе пропаѓаат , па малограќанштината ќе ликува на нивната несреќа .Или како што ќе каже Хана Арент:” Тоталитаризмот на власт постојано ги менува сите првокласни таленти , без обзир на нивните симпатии , со чукнатите и будалите чии недостаток на интелигенција и креативност сѐ уште се најдобрата гаранција за нивната лојалност“.

*Мисла на Тертулијан, христијански писател и филозоф

Фото: Print screen од Facebook

Слични Објави