(Видео) Арсовски: Шилегов и Весковски местеле тендер од 300.000 евра

/

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и директорот на „Водовод“, Душко Весковски, местеле тендер од 300.000 евра, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, и го повика јавното обвинителство да реагира.

„Сакаме да ја известиме јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден заедно со правниот тим на адвокати од ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава за скандалот во ЈП ‘Водовод и канализација’, каде што е наместен тендер од 300.000 евра за фирмата КБК Инженеринг и Кодинг 2“, рече Арсовски.

Тј вели дека постојат докази како се испумпале 300.000 евра со реконструкција на водоводна мрежа на улица „Варшавска“ во текот на 2020 година.

„Доказите се евидентни, ги обелоденивме наназад деновиве и поднесени се до Јавното обвинителство. Фирмата КБК ‘Инженеринг’ и ‘Кодинг 2’, во претходен договор со градоначалникот на Град Скопје, Шилегов и директорот на ‘Водовод’, Весковски, ја извршиле реконструкцијата на водоводната мрежа на ул. „Варшавска“ и дури потоа ЈП ‘Водовод и канализација’ го објавило тендер, кој го добила токму оваа фирма којашто претходно ја завршила реконструкцијата. Понаместен тендер со овие докази и со оваа фактичка ситуација, нема да можете да најдете“, рече Арсовски.

Тој вели дека одговорност мора да има.



„Дали најпрвин морална од страна на луѓето коишто учествувале во сето ова, а потоа и кривична согласно истрагата доколку се случи на заспаните институции во Република Македонија. Но, одговорност за овој случај мора да има. Ова е начинот на работа на јавните претпријатија коишто се на надлежност на Шилегов. Најпрвин договараат меѓу себе во четири очи која фирма ќе добие одреден тендер. Фирмата без тендер ја изработува и ја завршува работата, потоа се оди на про форма, на електронска јавна набавка односно тендер за да се замачкаат очите на јавноста. И да го добие тендерот баш онаа фирма којашто претходно ја завршила работата којашто ѝ била доделена“, рече Арсовски.

Тој најави дека утре ќе излезе со детални пресметки колку е, како што рече, напумпана цената од 300.000 евра за реконструкција на оваа водоводна мрежа споредбено со колку реално чини и треба да чини целата реконструкција.

Претходна статија

Трета доза вакцина за граѓаните над 60 години, здравствените работници и тие со имунокомпромитирани состојби

Следна статија

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ 27 години го уништуваа Скопје, сега шират лаги за Шилегов

Најново од Вести