(Видео) Бугарија станува регионален центар за индустриски батерии
Бугарија бележи силен раст на инвестициите во индустриски батерии, поттикнат од слободниот капацитет на електропреносната мрежа и добрата поврзаност со соседните пазари, изјави за БГНЕС енергетскиот експерт Симеон Белорешки.
Според него, мрежата од 110 kV има капацитет од околу 16 GW, додека домашната потрошувачка изнесува околу 7-8 GW, што овозможува полесно приклучување на нови соларни и батериски капацитети.
Белорешки оцени дека Бугарија веќе се позиционира како регионален играч благодарение на значителниот извоз на електрична енергија кон Романија и Грција. Во примерот што го наведе, при производство од околу 7,2 GW, приближно 60 отсто биле наменети за домашна потрошувачка, а остатокот за извоз.
„Ќе се оди единствено кон повеќе солари и повеќе батерии“, изјави Белорешки.
Тој посочи дека батериите во сончевиот период од април до октомври можат значително да ја намалат употребата на јаглен и други фосилни горива, но дека јагленовите централи засега не можат целосно да бидат исклучени од системот.
Според експертот, поевтината дневна електрична енергија поради соларното производство во иднина може да доведе и до промена на тарифниот модел и поголема примена на паметни броила и системи за управување со потрошувачката.
„Технолошко решение има апсолутно за сè. Проблемот е да се најде финансискиот модел по кој тоа ќе се случи“, рече Белорешки.

