(Видео) Правата на македонските Бугари- на фокус во Стразбур: Говори новинарот Владимир Перев
Во почетокот на октомври тројца македонски Бугари – Георги Црномаров, Христијан Пендиков и Владимир Перев – беа поканети во Стразбур од Советот на Европа за да зборуваат за правата на Бугарите во Македонија. Според Перев, нивната мисија таму не била залудна – разговорите со европските претставници ги надминале очекувањата и протоколарните рамки, пишува Актуално.
Тројцата се сретнале со Џозеф О’Рајли, известувач на Парламентарното собрание на Советот на Европа за Република Северна Македонија, со Јохан Фристед, извршен секретар на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата (ECRI), и со комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флахерти. Наместо предвидени 45 минути, првите две средби траеле по час и половина, а средбата со комесарот – повеќе од 50 минути.
„Прво говоревме за историската последователност на прашањето за правата на Бугарите во Македонија, а потоа за актуелната ситуација,“ изјави Перев, добитник на наградата „Будител на годината“ и долгогодишен новинар, кој во моментот пишува во сајтот „Трибуна“.
Христијан Пендиков, кој беше физички нападнат само затоа што е Бугарин, сведочел за своето лично искуство и тековните судски процеси. Георги Црномаров презентирал голем број документи и материјали што покажуваат систематска промена на бугарските имиња – дури и на надгробни споменици – со македонизирана верзија и нова азбука.
„Јас го поставив прашањето кое себеси не можам да си го објаснам: зошто во Македонија сите можат да бидат вклучени во Уставот – Албанци, Срби, Власи, Роми – само Бугарите не можат? И не можам да ја сфатам дрскоста, да не речам простотилукот, на премиерот Христијан Мицкоски кој јавно изјави: ‘Додека јас сум премиер, Бугарите нема да влезат во Уставот,’“ рече Перев.
Тој изрази надеж дека доказите и сведоштвата претставени во Стразбур ќе бидат вклучени во следниот извештај за Северна Македонија, кој треба да биде објавен во декември.
„Мислам дека не’ разбраа – и тоа е најголемиот успех на овие средби,“ додаде Владимир Перев.
