Штерјова: Обвинителството молчи за нападот на младите во Ново Село, а насилниците од ВМРО се познати
Нападот врз младите во Ново Село е кривично дело што се гони по службена должност. Според Законот за кривичната постапка, Јавното обвинителство е должно да постапи штом има сознание – не мора да чека никого да поднесе пријава, вели Кети Штерјова од СДСМ.
„Има сознание. Има јавни изјави. Има барања. Има имиња. А Обвинителството – молчи. Државниот јавен обвинител Савески е на „екскурзија“. Тој и онака ретко се јавува кога народот бара правда. Се јавува само кога ќе го повика Мицкоски – преку медиуми, од собраниска говорница или директно по телефон. Кога граѓаните бараат заштита, Савески или не се јавува, или е на екскурзија и не може. Во меѓувреме, од десетиците што учествуваа во нападот, веќе се познати барем двајца: Петар Марков – пратеник на ВМРО, Наско Димитриев – член на ВМРО и возач на градоначалникот. Едниот е пратеник. Другиот е човек близок до локалната власт на ВМРО. А Обвинителството сè уште „не знае“ кој ги нападна младите. Ова е свесно одбивање да се заштитат граѓаните кога насилниците се од владејачката структура. Додека Савески е на екскурзија, а Мицкоски на своја, младите остануваат без заштита, а насилниците – без одговорност. Доаѓа време кога и ова ќе мора да се објасни“, рече таа.

