|

Во Турција на курдскиот градоначалник му беше одземен мандатот, избувнаа протести, 89 уапсени

Турските власти уапсија 89 лица ширум земјата поради приклучување кон „неодобрените демонстрации“, објави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата „Икс“.

Протестите во југоисточна Турција и провинцијата Измир дојдоа откако изборното тело донесе одлука дека новоизбраниот градоначалник на прокурдската Партија за народна еднаквост и демократија (ДЕМ) во југоисточниот град Ван не може да ја преземе функцијата.

На Абдула Зејдан му беше ускратен мандатот иако на локалните избори во неделата беше избран за градоначалник со околу 55 отсто освоени гласови, соопшти ДЕМ.

Таа позиција ќе му припадне на кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на Реџеп Таип Ердоган. Нивниот кандидат беше втор на изборите со околу 27 отсто поддршка од гласачите.

Главната опозициска централно-левичарска Републиканска народна партија (ЦХП), која беше прва на изборите во неделата како историски удар за АКП на Ердоган, ја осуди одлуката и повика на нејзино поништување.

Локалната изборна комисија соопшти дека Зејдан имал криминално досие и дека не требало да се кандидира на изборите, објави државната новинска агенција Анадолија.

Од неговата партија соопштија дека за одлуката биле информирани дури по изборите во недела.

Инцидентот потсетува на масовните отпуштања на прокурдските локални политичари во 2019 година.

Прокурдската партија, тогаш наречена ХДП, освои 65 градоначалнички места на локалните избори во 2019 година, но владата ги отстрани повеќето од функцијата поради наводна поврзаност со тероризмот.



Слични Објави