„Визер“ со пет нови авиолинии од Скопје и Охрид
Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ најави воведување на пет нови авиолинии кон европски метрополи. Од март наредната година, од Скопје ќе се лета до Нeaпол и Будимпешта, додека од Охрид ќе бидат достапни нови линии до Катовице, Вроцлав и Милано.
Поради зголемувањето на бројот на летови, компанијата додава шести авион во својата база во Скопје. Дополнително, целата флота ќе биде модернизирана со најнови авиони „Ербас“ до крајот на годинава.
Од Владата посочуваат дека покрај овие линии што стартуваат идната година, веќе од ноември ќе има директни летови од Скопје до Мадрид и Стокхолм, а од декември и до Прага, Бари и Келн.
„Со воведувањето на новите летови дополнително ќе се развие туризмот во Македонија, зашто земјава ќе ја посетат повеќе гости од странство,“ велат од Владата.
Во првата половина од годинава преку скопскиот и охридскиот аеродром патувале вкупно 1,5 милион патници, што претставува пораст од 5% на скопскиот и 11% на охридскиот аеродром.
