|

Вјоса Османи му се заблагодари на Ердоган за поддршката и посветеноста на Косово

Косовската претседателка Вјоса Османи му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за неговото „пријателство, посветеност и поддршка за Косово“.

Таа на Фејсбук напиша дека се сретнала со турскиот претседател на маргините на Дипломатскиот форум во Анталија и ги потврдиле „добрите меѓудржавни односи“.

„Ви благодарам претседателе Ердоган! За пријателство, посветеност и поддршка на Косово! Со задоволство ја потврдуваме нашата заедничка работа за продлабочување на билатералните односи и зајакнување на врските меѓу нашите земји и граѓаните“, напиша Вјоса Османи на Фејсбук.

Таа на Дипломатскиот форум во Анталија рече дека Русија нема да застане на војната во Украина и дека Западен Балкан е меѓу загрозените региони.

Вјоса Османи ја нарече Србија продолжена рака на Русија за дестабилизација на регионот.

Претседателката на Косово повика на решение за завршување на војната во Украина, бидејќи, според неа, доколку не заврши со мир, последиците ќе се почувствуваат и ќе се прошират на Западен Балкан.

Слични Објави