Владата го објави францускиот предлог на македонски јазик, ќе следува дебата и во Собранието
• Линк до објава на предлогот на француското претседателство на англиски и македонски јазик
Францускиот предлог за деблокада на македонските интеграции во ЕУ, интегрално преведен на македонски јазик, од вчера е објавен на официјалната веб страница на Владата со цел транспарентно информирање на јавноста, а за него, на барање на дел од коалициските партнери во власта, според најавите, ќе се разговара и во Собранието.
Во рамки на разговорите за францускиот предлог за преговарачката рамка, денеска во Скопје пристигнува претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, со цел да ја покаже поддршката на ЕУ за францускиот предлог и да ја потврди заложбата на Унијата за интегрирање на Северна Македонија.
Предлогот од средината на минатата недела е достапен за јавноста и ставен на широка консултација која премиерот Димитар Ковачевски ја води со сите чинители во државата, вклучувајќи ги и опозициските партии, граѓанските организации и медиумите. Вчера беше претставен пред Стратешкиот совет на Министерството за надворешни работи со цел одржување консултации за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.-Консултациите со сите релевантни општествени чинители претставуваат важен аспект од процесот на донесување на конечна одлука за овој историски момент за насоката на која ќе се движи државата, напиша министерот за надворешни работи Бујар Османи во објава на Фејсбук.
Ковачевски на завчерашната средба со коалициските партии Демократски сојуз, ДОМ и ЛДП, дал согласност предлогот да биде ставен на пленарна седница и по расправата од пратениците за него да бидат изгласани заклучоци.
Засега не е прецизирано кога би се одржала средбата со оглед на тоа што помалите партии побарале објавување на сите документи содржани во предлогот, меѓу кои и протоколот, чија содржина се уште не е позната, изјави вчера за МИА Маја Морачанин од ДОМ, пренесувајќи дека на средбата побарале предлогот да оди на пленарна седница, а не само преку Владата.
Трите партии побарале и сите документи, вклучувајќи го и протоколот да бидат преведени на македонски јазик и објавени и достапни за целата јавност, а порачале и дека за нив е неприфатливо доколку билатералните прашања врзани за историјата и образованието бидат дел од преговарачкиот процес.
-Доколку тоа влијание на преговарачкиот процес тоа би значело дека во текот на преговорите фокусот нема да ни биде на Копенхашките критериуми, туку дека ќе се занимаваме со билатерални историски прашања. Тоа не е цел на процесот, сакаме фокусот на преговарачкиот процес да бидат владеењето на правото, човековите права, заштитата на животната средина.., рече Морачанин за МИА.
Од Демократскиот сојуз, во соопштение по седница на партиското претседателство, пак, побараа да се направат промени во преговарачката рамка. Тие сметаат дека во услови на геостратешки конфронтации, од круцијално значење за државава е да започнат преговорите со ЕУ и да продолжат реформите и имплементацијата на европските вредности.
-Владата на Република Македонија да инсистира да се преработи Преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија, при што рамката да биде согласно европските принципи и стандарди. По усвојување на Преговарачката рамка да започнат пристапните преговори преку отворање на поглавјата. Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија, како што е правото на здружување, формирање на културни асоцијации, политичко организирање и сл, стои во заклучоците од ДС, од каде нагласуваат дека не смеат да се прифатат разговори за македонските ревулуционери. Бараат и да се се прекинат какви било дискусии за заедничко славење на македонските национални празници.
Од ДС порачуваат и македонскиот идентитет и македонскиот јазик под никакви услови да не се оспоруваат и загрозуваат, а историските и образовните прашања, како и говорот на омраза и отворањето на досиејата за прогонувани лица од комунистичкиот режим, да биде на реципрочна основа.
Според ДС, во Преговарачката рамка, годишните прегледи, Акцискиот план и протоколите, не смее да се прифатат решенија кои и овозможуваат на Бугарија да се меша во внатрешните работи на Македонија. За предложената Преговарачка рамка, велат од ДС, да продолжи дебатата во јавноста, да се соберат сите сугестии и предлози, по што да се отвори расправа во Собранието и да се донесат заклучоци со консензус од сите пратеници односно пратенички групи и независни пратеници застапени во парламентот.
Извор: Zoom. mk