Во Берлин е забранет протестот против војната во Газа: „Можете да слушнете повици за насилство“
Полицијата во Берлин го забрани пропалестинскиот протест против војната во Газа закажан за вечерва на плоштадот Александарплац во источниот дел на германската престолнина.
Протестот беше забранет по „проценка на сите околности и земање предвид на сите интереси“, соопшти полицијата пред пропалестинските и произраелските демонстрации закажани за викендот.
На настанот постоеше можност да се слушнат антисемитски извици, поттикнување на насилство и заплашување, се додава во соопштението на полицијата. Забранета е и организација на каков било заменски настан до 6 ноември.
Организацијата Генерација Палестина собирот со 500 учесници го закажа за 18:30 часот и под слоганот „Децата од Берлин за децата од Газа“.
За крајот на неделата се закажани неколку собири поврзани со конфликтот, а во сабота во 14 часот на митингот „Мир на Блискиот Исток“ се очекуваат 500 луѓе кај Бранденбуршката порта во центарот на Берлин.