| |

Во Драч заврши фестивалот „Вечери на бугарската култура“

Четвртиот концерт од серијата „Вечери на бугарската култура“ се одржа во албанскиот град Драч, со што заврши културната програма реализирана во текот на летото, соопшти Амбасадата на Бугарија во Албанија на својата страница на Фејсбук, пренесува БТА.

Фестивалот го организира бугарскиот кореограф и долгогодишен фолклорен деец Џејљан Демирев, поранешен главен уметнички раководител и кореограф на Северњашкиот ансамбл за народни песни и танци во Плевен. Настанот е реализиран со поддршка на бугарската Амбасада во Тирана и Општина Драч.

На последниот концерт настапиле Танцовата школа „All Steps“ од Јамбол, предводена од Лилија М’хчиева, Антон М’хчиев и Емил Петков, Детскиот танцов ансамбл „Радост“ при Центарот за работа со деца од Враца, со раководител Христо Пеевски, како и Танцовата формација „Траке“ од Стамболијски, предводена од Жанета Иванова и Георги Карабахчиев.

„Нивните настапи ѝ понудија на публиката вистинско патување низ шарената палета на бугарската народна традиција – од испреплетените ритми на ората, преку боите на народните носии, до одѕвонувањето на песните што низ вековите ја зачувале душата на нашиот народ“, соопшти дипломатската мисија.

Според Амбасадата, „Вечери на бугарската култура“ претставува впечатлив пример за плодна културна соработка меѓу Бугарија и Албанија. Топлиот прием на бугарските изведувачи од албанската публика и поддршката од Општина Драч покажуваат дека културата гради цврсти мостови и ги зближува луѓето преку границите.

Бугарската Амбасада во Тирана најави дека ќе продолжи да поддржува иницијативи што ги продлабочуваат пријателските и добрососедските односи меѓу двете земји.

Дипломатската мисија им изрази благодарност на сите танцови ансамбли, раководители, изведувачи и гости, кои „вложија срце и талент во оваа серија и ја претворија во вистински празник на бугарскиот дух“.

„Посебна и срдечна благодарност упатуваме до господинот Џејљан Демирев и неговото семејство – за инспирацијата, посветеноста и неуморната работа со кои ја реализираа оваа прекрасна иницијатива“, порачаа од Амбасадата.

Слични Објави