|

Во петок и во сабота Мицкоски ќе преговара за нови министри со коалициските ВРЕДИ и ЗНАМ

Кој ќе биде сменет, а кој министер од коалициските партнери ВРЕДИ и ЗНАМ ќе остане на функцијата ќе се преговара викендов. Премиерот Христијан Мицкоски денес кажа дека средбите се договорени.

„Во петок и во сабота се закажани средбите со коалициските партнери од Вреди и од ЗНАМ“, рече премиерот Мицкоски денес при посетата на општата болница во Струмица.

Одговарајќи на новинарски прашања тој кажа дека ВРЕДИ останува коалициски партнер на Владата.

„Ние имаме исклучително коректна и, би рекол, пријателска соработка со нашиот коалиционен партнер ВРЕДИ/ВЛЕН. Очекувам така и во таа насока да продолжиме. Знаете дека по реализирањето на нашата соработка после изборите 2024 година следеа локалните избори каде што тие беа убедливи победници во 10 општини во, условно кажано, албанскиот дел во Македонија. Во овој момент не гледам пречка зошто нашата соработка да не продолжи“, рече премиерот Мицкоски.

Реконструкцијата на Владата премиерот Мицкоски најави дека ќе се случи по партискиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се одбележи вечерва на стадионот во Струмица.

 



Слични Објави