ВО „СИСТИНА“ УСПЕШНО НАПРАВЕНИ ПРВИТЕ КАРДИОХИРУРШКИ ОПЕРАЦИИ ПОКРИЕНИ ОД ФЗОМ КАЈ ДЕЦА ПОМАЛИ ОД 1 ГОДИНА
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ се извршени две кардиохируршки интервенции кај деца во Одделот за детска кардиохирургија, предводени од кардиохирургот за деца, Владимир Чадиковски. Двете операции се покриени од државниот Фонд за здравствено осигурување.
Двете деца кои се оперирани се бебиња, на девет и 11 месеци. Кај нив биле дијагностицирани сериозни вродени кардиолошки аномалии, односно едното било со дијагноза вентрикуларен септален дефект и изразена пулмонална хипертензија, додека другото е со суправалвуларна аортна стеноза. Операциите траеја од 4 до пет часа, но децата десет дена по оперативниот зафат се пуштени на домашно лекување.
Чадиковски вели дека децата се постоперативно добро и им посакува побрзо да се вратат во нормална секојдневна динамика на животот. Операциите се изведени под надзор на професор Тајар Сариоглу од „Аџибадем“ од Истанбул, кој се смета за основополжник на детската кардиохирургија во Турција.
„Аџибадем Систина“ со овој тип интервенции кај деца, кои од неодамна се покриени и од државниот фонд, докажува дека е од рангот на светските клинички болници во кои се изведуваат сериозни кардиохируршки интервенции кај деца.
„Детската кардиохирургијата е од огромно значење не само за „Аџибадем Систина“ туку и за државата. Добиваме поддршка од менаџментот на нашата болница и целта ни е заедно да направиме еден референтен центар на детска кардиохирургија“, вели Чадиковски.
Со развивање на детската кардиохирургија, „Аџибадем Систина“ го подигнува нивото на третман на пациентите во оваа мултидисциплинарна гранка, која е една од најтешките за работа.
Извор: Макфакс