Во Софија беше отворена изложбата „Требениште. 105 години од отворањето на некрополата во Требениште. 1918 – 2023“
Синоќа во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките свечено беше отворена изложбата „Требениште. 105 години од отворањето на некрополата во Требениште. 1918 – 2023“.
Во презентацијата на заедничкиот проект учествуваа проф. д-р Христо Попов, директор на НАИМ-БАН, д-р Славица Бабамова, директор на Археолошкиот музеј во Скопје и Бојана Бориќ-Брешковиќ, директор на Народниот музеј на Србија.
Директорот на НАИМ-БАН, проф. Христо Попов го дефинира отворањето на изложбата како празник.
„Утрото со изненадување дознав дека 9 октомври е Денот на античката култура. Да бидам искрен, не сум очекувал да го прославам, барем не во оваа форма, но практично денес е ден за прослава на балканската култура, на луѓето кои се поврзани во овие три земји, а имаме многу што да правиме и да направиме заедно, има многу работи што можат да нѐ обединат и во иднина, коментира проф. Попов.
Не е доволно да се каже зборот „изложба“ за она што ќе го видите во НАИМ-БАН, рече потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, додавајќи дека се надева дека илјадници луѓе ќе ја допрат оваа древна култура.
„Требениште. 105 години од отворањето на некрополата во Требениште. 1918 – 2023″ содржи не само светско богатство, а за да ни стане достапно на сите, потребна е напорна работа на музеите и специјалистите. Не е само да се открие, важно е да се прават анализи, да ја следите историјата“, коментира Јотова.
„Отсекогаш сум велела дека археолозите имаат неверојатна професија. Тоа не е само професија, не е занает, тоа е нешто многу повеќе, бидејќи со истражување на минатото на светот му го откривате животот, традициите, човечките души и мисли“, рече Јотова. Според нејзините зборови, на светот му се потребни лекциите од минатото за да знае како да ја изгради иднината.
Среќен сум што токму за време на Деновите на европското наследство бугарската јавност и гостите на главниот град ќе можат да уживаат во една ваква импресивна изложба, изјави министерот за култура Крстју Крстев.
Наодите од Требениште се оценувани од многу различни аспекти и продолжуваат да носат дополнителна вредност во нашите животи денес. Тие нè здружуваат во заедничката работа за градење на заедничка иднина и зачувување на нашиот идентитет како пријателски балкански земји. Требениште е порака од минатото која не потсети во сегашноста дека заедничките човечки вредности кои ги делиме не прават исти во нашата различност, коментира министерот.
Меѓу присутните на церемонијата беа Даим Лучи, заменик министер за култура на Република Северна Македонија, Миодраг Ивановиќ, државен секретар за култура од Министерството за култура на Република Србија, претседателот на Бугарската академија на науките, академик Јулијан Ревалски, директорите на трите музеи: проф. Христо Попов, директор на НАИМ-БАН, д-р Славица Бабамова, директор на НАМ – Скопје и Бојана Борич-Брешковиќ, директор на Народниот музеј на Србија, амбасадори и други официјални претставници.