|

Во струмичко е намален интересот за вакцинирање против Ковид-19

Во струмичко се помал е интересот за вакцинирање против Ковид-19, а во септември само 12 граѓани се имунизирале.

Овие податоци ги соопшти д-р Дијана Масинова од „Здравствен дом Струмица“ на денешниот караван за информации и теренска вакцинација кој денеска престојува во Струмичкиот регион.

Според неа, денеска, на почетокот на караванот, само неколку граѓани се вакцинирале со четврта доза, додека поголем бил бројот на тие што сакале да се информираат.

-Повеќето граѓани кои се вакцинираа минатиот месец беа со трета и четврта доза, односно возрасни лица и лица со коморбидитети. Јас секогаш кажувам дека е подобро да се превенира, отколку да се лекува. Знаеме дека е подобро да примиме вакцина против ковид, отколку да се добие имунитет со прележување на болеста, бидејќи вакцината е побезбедна. Има луѓе кои починаа, има такви кои се месеци се бореа со компликациите и затоа превенцијата е најдобрата опција, изјави д-р Дијана Масинова.

На денешниот караван медицинските лица им помагаа на лицата кои сакаат да се пријават за вакцинирање против сезонскиот грип, посебно на повозрасните кои немаат можност сами да се пријават.

Денешниот караван под слоганот „Заштитени заедно-вакцините делуваат“ го организираа ЈЗУ „Здравствен дом Струмица“ во соработка со Министерството за здравство, УНИЦЕФ, УСАИД и СЗО.

Освен во Струмица караванот престојува во Ново Село и Василево.

Извор: biznisvesti.mk



Слични Објави