Во Вашингтон одбележани 35 години од основањето на Американскиот универзитет во Бугарија
Амбасадата на Бугарија во Вашингтон ја одбележа 35-годишнината од основањето на Американскиот универзитет во Бугарија со средба на претставници на раководството и поранешни студенти. Во рамките на средбата се одржа дискусија за улогата на хуманистичките и општествените науки во ерата на вештачката интелигенција, соопшти Амбасадата на Фејсбук.
Вечерта ја отвори вршителката на должноста амбасадорка, Стефка Јовчева. Таа истакна дека универзитетот поврзува генерации студенти од Бугарија, САД и други земји и го нагласи придонесот на поранешните студенти за развојот на бугарско-американските односи.
За тоа како хуманистичките и општествените науки им помагаат на студентите да развијат критичко мислење и аналитички и истражувачки вештини разговараа претседателот на универзитетот, проф. д-р Џ. Д. Мајнингер, поранешната претседателка д-р Џулија Воткинс и двајца поранешни студенти. Д-р Елтон Скендај ја раководи програмата „Демократија и управување“ на Универзитетот „Џорџтаун“ во Вашингтон, а Зак Паговски е виш потпретседател за стратешки партнерства во списанието „Форин полиси“.
Мајнингер ги претстави постигнувањата на универзитетот во изминатата година и посочи дека рекорден број студенти од САД покажале интерес за студирање на универзитетот.
