ВТОРИОТ НАЈБОГАТ ЧОВЕК ВО СВЕТОТ ГО КУПУВА МИЛАН ЗА РЕЧИСИ МИЛИЈАРДА ЕВРА
Милан се наоѓа во најлоша состојба на резултатски план во изминативе 80 години. По продажбата на клубот од страна на Силвио Берлускони во редовите на „росонерите“ владее целосен хаос.
Од еден од најголемите европски тимови, Милан се претвори во потпросечен италијански прволигаш и моментално се наоѓа на 14-тата позиција на табелата во Серија А. За три години, клубот смени тројца сопственици. Берлускони ги продаде акциите на Ли Јонгхонг, а кинескиот бизнисмен го загуби клубот поради заемот од „Елиот Фонд“, кој не можеше да го отплати.
Сега „росонерите“ се во сопственост на американскиот инвестициски фонд, кој е еден од најбогатите во светот. Сепак, идејата на Американците е да не трошат многу, туку да штедат.
Во италијанските медиуми повторно се појавија шпекулации дека клубот уште еднаш оди на продажба. „Кориере дело спорт“ објавува дека во игра влегува Бернар Арно, кој е вториот најбогат човек на светот. Французинот и пред неколку месеци беше цел на шпекулации дека го купува Милан, но веднаш демантираше со официјално соопштение.
„Драги навивачи на Милан, ви ја пишувам оваа порака за да ги прекинам сите шпекулации околу мојот интерес за купување на клубот. Силно ве почитувам вас и вашиот клуб, но не сум контактирал со никого од клубот и не постои интерес од моја страна за купување. Не знам од каде доаѓаат шпекулациите дека сакам да го купам клубот, но немаат никаква вистина. Ви посакувам се најдобро во иднина“, напиша Арно.
Сепак италијанските медиуми и натаму се уверени дека постои интерес кај Арно за купување на клубот и тоа за нешто помалку од милијарда евра. Зделката се чува во тајност за да не се појават и други заинтересирани инвеститори и да ја замрсат зделката на францускиот милијардер, кој ја поседува модната куќа „Луи Витон“.
Извор: Спорт1