| |

Вук Драшковиќ: „Српскиот свет“ делува како Хитлер и „рускиот свет“, мора да ја отвориме книгата на смртта на УДБА

Цунамито од студентски протести ја потресе Србија. Србија е во шок. Состојбата во која се наоѓа земјата најдобро ја опиша еден студент – „неподносливо“, изјави поранешниот српски министер за надворешни работи, долгогодишен пратеник и лидер на Српското движење за обновување, Вук Драшковиќ, пренесе БГНЕС.

„Седум месеци по тој бунт, Србија е поделена, распарчена. Две третини од Србија сакаат поинаква Србија – не сакаат ваков режим, не сакаат оваа лоботомија, не сакаат лаги, не сакаат кражби, не сакаат криминал, не сакаат УДБА (српската државна безбедност – заб.ред.), не сакаат Србија што е заложник на режимот кој врши Армагедон над Украина“, рече тој.

Драшковиќ смета дека студентите не можат сами да го срушат режимот во Србија.

„Студентите се еден вид совест на Србија, но во земјата има 200.000–300.000 студенти и тоа не е доволно. Во моментов сите анкети покажуваат дека две третини од српските граѓани се за пад на овој режим“, додаде тој.

Според него, токму тие две третини можат да го срушат режимот, а првото нешто што треба да се направи кога владата ќе падне е „да се отвори книгата на смртта, криминалот, кражбите, да се отворат тајните досиеја – и на УДБА и на БИА (српската контраразузнавачка служба – заб.ред.), која всушност е само огранок на руската КГБ“.

„Кога граѓаните на Србија ќе се соочат со вистината, особено за тоа што се случуваше во деведесеттите години од минатиот век, сè ќе се промени преку ноќ. Само една телевизиска станица пред неколку години објави видео на криминалци како стрелале муслимански момчиња во грб – ниту едно немаше повеќе од 15 години. И еден монах ги благословуваше. Србија беше во шок. И тогаш, се разбира, УДБА си ја заврши работата и тоа видео, а има стотици такви видеа, никогаш повеќе не беше прикажано. И ако Србија види што е направено во нејзино име, и што прават денес тие што го направиле тоа, ситуацијата ќе се промени преку ноќ и нема да има отпор ниту кон Европа, ниту кон Западот“, рече Драшковиќ.

„Кога Хитлер отиде во Австрија, рече дека Австрија е историска грешка која ќе ја исправи. Путин го кажа истото пред агресијата врз Украина. Украина е историска грешка – баш така рече – која ќе ја исправи. Хитлер рече: ‘Ја сакам Европа, но сакам да го обединaм германскиот свет.’ Путин и хунтата во Кремљ го кажаа истото – и го кажуваат – дека се за максимална соработка со Европа, со Америка, со целиот свет, и дека сакаат само да го обединат рускиот свет. Тоа е плагијат, тоа е копија. Тие буквално го копираат она што го правеше Хитлер.“

Тој додаде дека „светот не гледа што се случува во оваа Србија – а овде се зборува за копија на копија, за обединување на српскиот свет.“

„И тие што ја распаднаа, зборуваат за обединување на ‘српскиот свет’. ‘Српскиот свет’ беше обединет од Алпите до Солун, во онаа држава што се викаше Југославија, како што беа обединети босанскиот, хрватскиот и македонскиот свет. Тоа беше прекрасна држава, тоа беше ‘Балканска Америка’. А главните убијци на таа држава сега се залагаат на нејзините руини да се обедини некаков ‘српски свет’, по примерот на Хитлер, односно ‘рускиот свет’. Најголемото национално понижување и срам го доживеавме – на почетокот од мај, кога српскиот патријарх разговараше со рускиот претседател и патријарх, кога тие отворено изразија радост поради победите над Украина и обединувањето на ‘рускиот свет’, изјавувајќи дека копнеат ‘српскиот свет’ да стане дел од тој руски свет“, рече Драшковиќ.

На прашањето дали Александар Вучиќ ја префрлил кризата од Србија во Босна и Херцеговина, Драшковиќ одговори: „Не знам што поддржува, а што не поддржува. Затоа што најчесто ситуацијата е контрадикторна. Се поддржува Дејтонскиот договор, територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Во исто време се поддржува политиката на Милорад Додик, кој отворено се залага за уништување на таа држава чиј територијален интегритет и суверенитет го почитуваме. Значи, тоа е позиција за која не може да се каже ниту дека е против Босна, ниту дека е за зачувување на државата Босна.“

Тој додаде и дека Додик и Вучиќ ја спроведуваат програмата што се пишува во Кремљ.

„Никој во Европа, па ни во Вашингтон, не е заинтересиран за разгорување на Балканот. Напротив, сите се заинтересирани за некакво помирување, за вклучување на целиот регион на поранешна Југославија во евроатлантските интеграции. Но, тоа не е во интерес на сегашната хунта во Кремљ. Отворањето балкански фронт сигурно би ѝ одговарало на империјалната амбиција на овој режим, кој не гледа само кон Украина. Тоа само би го привлечело вниманието и на Европа, и на светот, кон Балканот – имајќи предвид дека сите заедно покажавме дека сме исклучително талентирани за создавање проблеми. А ако тоа се случи во Босна, ќе се случи преку ноќ. И во Македонија, и на Косово, и во Црна Гора“, објасни Драшковиќ.

Слични Објави