ЗАКАЖАНО СУДЕЊЕТО ЗА „МОЌНИК“ КАДЕ ШТО ОБВИНЕТИ СЕ МИЛОШОСКИ, ТАТКО МУ И ЕКСЛУСТРАТОРИТЕ
За 25 ноември годинава во 10 часот во Основниот кривичен суд во Скопје е закажан почетокот на судскиот процес за предметот „Моќник“, каде еден од обвинетите е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Судскиот процес ќе го води судијката Ленка Давиткова.
Милошоски за првпат ќе седне на обвинителна клупа, а делата за кои се товари се измама и злоупотреба на службената положба и овластувања.
Со него, обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања треба да седнат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија Томе Аџиев и деветмината нејзини членови.
Предметот се однесува за продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.
Обвинението за овој предмет, кој сега е во рацете на Основното јавно обвинителство Скопје беше поднесено на 24 август, а судот го прифати на 8 октомври, по што следуваше распоредувањето кај судија и закажувањето на првото рочиште.