Заменик-министерката за туризам на Бугарија, Мариела Модева: „Евровизија 2027“ во Бургас е можност за нов пристап во управувањето со туризмот
„Нашата цел е да управуваме со туризмот врз основа на реални податоци, а не на претпоставки. Информациите со кои располагаат институциите, општините и бизнисот треба да станат алатка за поквалитетни услуги.“
Ова го изјави заменик-министерката за туризам на Бугарија, проф. Мариела Модева, на конференција организирана од Светската банка. Форумот беше посветен на создавање заеднички простор за туристички податоци во Бугарија. Претставници на институции и експерти од Бугарија и Австрија разговараа за можностите за размена на информации меѓу јавниот и приватниот сектор, поефикасно планирање на туристичките услуги и управување со туристичките текови.
Проф. Модева посочи дека Министерството за туризам веќе работи во оваа насока преку Националната опсерваторија за квалитет и одржливост на туристичкиот производ, основана во септември. Развојот на ваков простор ќе овозможи заедничко користење информации од различни извори, при што секој учесник ќе ја задржи контролата врз податоците што ги споделува.
Претстојната „Евровизија 2027“ во Бургас е можност за примена на овој модел.
„Подготовката за голем меѓународен настан бара веродостојни информации за очекуваните посетители, транспортната поврзаност и сместувачките капацитети. Податоците можат да ни помогнат да донесуваме попрецизни одлуки и максимално да го искористиме туристичкиот потенцијал на ваквите настани“, нагласи заменик-министерката.
