|

Засилена регионална соработка и усогласување на реформите: Клучот за интеграција на Западен Балкан во ЕУ

На денешниот настан „Унапредување на регионалната соработка: Патот кон заедничкиот регионален пазар (ЗРП) и интеграцијата во ЕУ во Западен Балкан“ беше истакната итната потреба за посилна регионална соработка и усогласување на реформите за да се обезбеди успешна интеграција на Западен Балкан во Европската унија.

Настанот следуваше по 10-тиот Самит на Берлинскиот процес, но и растечките економски предизвици, поради што беше нагласена критичната улога на граѓанското општество и креаторите на политиките во обликувањето на реформите кои ќе обезбедат долгорочна стабилност и раст за регионот.

Настанот, организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје и Институтот за соработка и развој (ЦДИ), се одржа во Europe House во Скопје како дел од CRM Week. Дискусиите се фокусираа на иднината на Акциониот план на Заедничкиот регионален пазар (ЗРП) 2025-2028 и Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, потпирајќи се на препораките од граѓанското општество, владините претставници и меѓународните партнери.

Настанот беше отворен со обраќања на Н.Е. Петра Дрекслер, германска амбасадорка во Северна Македонија, која ја истакна важноста на Берлинскиот процес за унапредување на регионалната соработка и вклучувањето на тинк-тенк и граѓанските организации во мониторирање на процесот уште на самиот почеток со цел да се обезбеди фокус на самата имплементација на целите.

Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, кој ја повтори посветеноста на ЕУ за поддршка на реформските агенди на Западен Балкан и истакна дека ЕУ е силно посветена на унапредувањето на напорите за регионала интеграција во патот кон полноправно членство со што ќе се отвори потенциал за економски раст. Дополнително нагласи дека таков заеднички регионален пазар би можел да додаде 10% од производството на западниот свет.

Оливера Цени Бардиќи, експерт за трговија од ЦЕФТА, даде детален преглед на Акциониот план за ЗРП 2 и ги наведе следните чекори по Самитот на Берлинскиот процес. Таа истакна дека со ЗРП1 имало пораст во тргувањето со стоки и услуги за околу 19% и дека регионалната трговија во ЦЕФТА е згоелемена двојно во послдениве пет години.

„Со иницијативата за Зелени коридори успеавме да заштедиме 20 години во чекање во време на 2023 година. Дополнително во 2023 година извозот на стоки во рамките на ЦЕФТА достигна 8,5 милијарди, што претставува зголемување од 123% во однос на 2013 година, кога изнесуваше 3,8 милијарди“ рече Цени-Бардиќи.

Една од клучните препораки од дискусијата за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан е потребата од реформи во зелената и дигиталната трансформација, како и развој на човечкиот капитал за да се затворат празнините во пазарот на труд низ регионот. За да се обезбеди успешно спроведување на овие реформи, од клучно значење е да се зајакнат административните капацитети и реформските напори на национално ниво да се усогласат со пошироките регионални цели. Координацијата на реформите низ Западен Балкан е од суштинско значење за да се избегнат несогласувања и да се зајакне целокупниот процес на интеграција со ЕУ.

Во однос на Акциониот план за Заедничкиот регионален пазар 2025-2028 година, граѓанските организации ја истакнуваат важноста од справување со недостатоците на информации и имплементацијата, обезбедувајќи граѓаните ширум Западен Балкан да се свесни за нивните права и да имаат пристап до релевантна поддршка. Исто така, беше препорачано рамката за ЗРП да се прошири за да вклучи посилна социјална димензија и мерки за ублажување на негативните екстерналии. Дополнително, беше предложено формирање на постојан механизам за консултации и ангажирање на граѓанското општество за да се зајакне транспарентноста и да се овозможи континуиран придонес на ГО во креирањето на политиките за ЗРП.

Дополнителни придонеси на настанот дадоа и амбасадорот Андреј Лепавцов, CRM Шерпа во Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, кој зборуваше за предизвиците и научените лекции од ЗРП1 и Марк Барет, експерт за економска политика од GIZ, кој го поврза ЗРП со поширокото законодавство на ЕУ. Настанот, исто така, имаше увид од граѓанското општество, при што Стефан Ристовски, истражувач во ЕПИ, и Сокол Зенели, експерт на проектот, понудија критички размислувања за улогата на граѓанското општество во ЗРП и потенцијалот за поинклузивни процеси на консултации за политиките.

Настанот заврши со дискусија за следните чекори за регионална соработка и улогата на граѓанското општество во обезбедувањето на ефективна имплементација на Акцискиот план ЗРП2 и реформите на Планот за раст на ЕУ.

Слични Објави